Сакашвили во Берлин - интервју за Дојче веле
30 јануари 2004Реклама
Во ноември Михаил Сакашвили како лидер на опозицијата ја водеше таканаречената кадифена револуција против неговиот поранешен патрон Едуард Шеварнадзе. Го принуди на оставка и во почетокот на јануари со 96 насто гласови стана нов претседател на Грузија. Сакашвили се наоѓа во Берлин и денеска ќе биде примен од канцеларот Герхард Шредер и од претседателот Јоханес Рау. Престојот го искористи да го посети и Дојче веле. Има 36 години и е најмлад претседател во Европа. Во разговорот за Дојче веле вели дека не му се допаѓа се што носи функцијата претседател на Грузија:
"На пример, многу е непријатно кога сакам да шетам низ Берлин, а сум опкружен со телохранители. Тоа е страшно, пред се за млад човек".
Нему сепак му треба заштита зашто она што го презема во Грузија по соборувањето на Шеварнадзе не им се допаѓа на сите. Шеварнадзе, вели Сакашвили, му оставил празна државна каса:
"Не чувствувам бес против Шеварндазе и знам дека го биеше одличен глас. Овде во Германија ужива голем респект, но и во светот и ние сме горди на тоа, но со проблемите во земјата не можеше да излезе на крај, а на крајот ја охрабри корупцијата и дури ја поддржуваше". Стопанството на Грузија се наоѓа пред колапс, државата одвај собира даноци, не можат да исплатат платите. Сепак Сакашвили е оптимист:
"Ние сме релативно мала земја, значи може да функционира, но тоа секојдневно бара големи напори". Тој најнапред ќе мора да се бори против корупцијата. Мора да се смени целиот систем за да може стопанството да добие замав. Си постави високи цели: земјата да стане кандидат за членство во Европската унија. Освен тоа, сака да ги засили односите со САД каде што студираше право, а истовремено да ги подобри односите со Русија, но за Дојче веле изјави:
"Јас не сум проамерикански претседател како што тврдат некои Руси, а сигурно не сум и проруски претседател. Јас сум претседател на Грузија и се залагам за Европа, зашто ние имаме европски вредности". А, како Германија ќе и помогне на Грузија на тешкиот пат, Сакашвили ќе дознае на средбите со Шредер и Рау.
Реклама