Ро во Берлин: кога во политиката нема проблеми, државниците разговараат за фудбал
14 април 2005Односите меѓу Германија и Јужна Кореја се толку непроблематични, што на германскиот канцелар и јужнокорејскиот претседател им остана многу време да зборуваат за фудбалот. Шредер најави дека за време на посетата на Јужна Кореја во 2006-та година безусловно сака да се сретне и со фудбалската репрезентација на таа земја, која приреди изненадување на светското првенство во 2002-ра година. Доколку Кореја во 2006-та повторно се пробие до полуфиналето, еден милион Корејци ќе дојдат како туристи во Германија, возврати претседателот Ро.
Инаку, во политичкиот дел пред се’ се разговарало за наводната или фактичка севернокорејска атомска бомба. „Заеднички сме на мислење дека Северна Кореја мора да се врати на преговарачката маса и оти мора да се издејствува можност да се контролира нејзината нуклеарна програма“ – рече канцеларот Шредер на заедничката прес-конференција.
Јужна Кореја се надева на германска поддршка во напорите за обнова на шестпартитните разговори за севернокорејската атомска програма, откако Северна Кореја во февруари ги напушти преговорите. Претседателот на германско-корејската парламентарна група Хартмут Кошик, по посетата на двете корејски држави пред неколку денови, се залага за поголем ангажман на ЕУ во ова прашање.
Единственото прашање во кое Шредер и Ро во разговорот не постигнале согласност се однесува на реформата на ОН и желбата на Германија да добие постојано место во Советот за безбедност.
„Дури и меѓу најблиските пријатели секогаш има различни мислења и интереси“ – рече Ро. Јужна Кореја принципиелно е против зголемување на бројот на постојани членки на Советот за безбедност. Доколку сепак во ОН се пробие таквиот модел, тогаш кандидатурата на Германија ќе биде целосно поддржана, уверуваше тој.
Обајцата политичари го пофалија развојот на економската соработка. Германија е најголем трговски партнер на Јужна Кореја во Европа. Корејците им нудат на германските концерни соработка и патенти за овозможување телевизиски прием на мобилни телефони. Јужна Кореја годинава е тежишна земја на Франкфуртскиот саем на книгата, како и на Азиско-пацифичката недела во Берлин.