Решителна борба против неонацистите на интернет
13 септември 2010Расистичката и брутална пропаганда на неонацистите, од ден на ден станува се` поприсутна на интернет. Нејзините пораки можат да имаат крајно негативни последици за младите луѓе. Поради ова, германската Сојузна централа за политичко образование сака да преземе мерки против ширењето на неонацистичкото влијание и тоа токму со помош на интернетот.
Зголемен бројот на неонацистички веб-страни
Десните екстремисти се` повеќе го освојуваат интернетот. Оранизацијата Jugendschutz.net, која беше основана од покраинските министри за заштита на младите, регистрира околу 1900 веб-страни и уште повеќе текстови и видео-клипови на социјалните мрежи и видео-платформи како Фејсбук и Јутуб. Бројот на неонацистички мрежи се зголеми за трипати во рок од една година; во моментов постојат околу деведесет такви организации, вели Штефан Глазер, раководител на одделението за десен екстремизам. Само од десноекстремистичката Националдемократска партија, која е застапена во два покраински парламента, биле регистрирани повеќе од двесте онлајн-понуди.
До 10000 корисници секојдневно ги читаат неонацистичките блогови и посетуваат платформи за симнување различни материјали со неонацистички карактер. Штефан Глазер изјави дека нема податоци за тоа кои се корисници и како виртуелнета понуда на омраза делува врз нив. За да се предупредат, пред се`, младите интернет корисници од последиците при користењето десноекстремистичка пропаганда, организацијата Jugendschutz.net сними видео-клип под мотото: „Ние сме онлајн за неонацистите да одат офлајн!“
Видео-клипот апелира за претпазливост при сурфањето на интернет: „Добрите момци од интернет-мрежата кои ти нудат супер андерграунд-концерти, вистински братски дух и го најавуваат следното младинско востание имаат свое име: неонацисти! Иако се сосема опуштени и често зборуваат за слободата на мислењето, со тоа се мисли единствено на нивната слобода на мислење, бидејќи им се закануваат на сите што не размислуваат како нив. Не дозволувај да те заведат со евтини приказни! Можеш да се одбраниш од нив, а со тоа да ги заштитиш и другите од екстремистичките пароли!“
Засилени активности преку меѓународна соработка
Во четири од пет случаи, на организацијата Jugendschutz.net и` успеа да отстрани неонацистички содржини од интернет-мрежата. Најголем успех е кога на провајдерот директно ќе му се укаже за неонацистичките содржини, вели Штефан Глазер. Бидејќи две третини од недозволивите веб-страници се наоѓаат на сервери во странство, Jugendschutz.net соработува со вкупно осумнаесет земји.
„Кога во Германија имаме случај со страница која се наоѓа на провајдер во Унгарија или Романија до кој немаме пристап, го контактираме нашиот партнер во странство на лице место. Партнерите, потоа, се обраќаат до операторот преку кој е објавена страницата, со цел таа да се отстрани или, пак, се обидуваат да дојдат до лицата одговорни за објавените содржини со помош на полицијата. Тоа практично значи: решителна борба против омразата на интернет!“, објаснува Глазер.
Педагошко советувалиште за деца и родители
Покрај ова, постои уште една понуда во борбата против неонацизмот. Станува збор за онлајн-советувалиште со кое раководи педагогот Мартин Цигенхаген, каде се јавуваат лица кои бараат совет или помош поради проблеми со неонацистите на училиште, на работа или во семејството. Има и анонимна чет-соба за родители чии деца тргнале по патот на неонацизмот.
Претседателот на Сојузната централа за политичко образование, Томас Кригер, се надева дека борбата против неонацистите на интернет во иднина ќе се одвива уште поангажирано и поенергично. Тој смета дека постои голем потенцијал:
„Посакувам да има повеќе сила и креативност кај интернет-заедницата. Она што се случува во реалниот живот, како на пример уличните демонстрации против Националдемократскта партија, мора да да земе поголем замав и во виртуелниот свет на интернет“, констатира Кригер.
Автор: Марсел Фирстенау/ Далибор Стајиќ
Редактор: Александра Трајковска