Реакции во Берлин на најавите на Путин
27 април 2007Најавите на рускиот претседател Владимир Путин, во главниот град на Германија се примени со загриженост и критики. Државниот министер во министерството за надворешни работи Гернот Ерлер бара јавна дебата за политичките последици од планираниот ракетен систем во Источна Европа. Русија се чувствува психолошки загрозена, изјави Ерлер:
„Многу е сериозна пораката што е упатена. Таа покажува дека од руски аспект сега ќе следуваат реакции, а не само зборови„.
Одговорниот во германската влада за односи со Русија, Андреас Шокенхоф ја критикуваше путиновата изјава за разоружувањето. Демохристијанскиот политичар за весникот „Берлинер цајтунг„ изјави дека дебатата за ракетниот штит не смее да се поврзува со договорите за разоружување. Заменикот претседател на пратеничката група на социјалдемократите Валтер Колбо смета дека е грешка ако Русија се повлече од еден од најзначајните договори за контрола на вооружувањето во Европа:
„Секоја суспензија на овој важечки договор е чекор во погрешна насока. Меѓутоа, и ракетна одбрана од стратегиски вид, со стационирање ракети во Полска и радарска опрема во Чешка, ние социјалдемократите ја оценуваме на истиот начин„.
Претседателот на надворешно-политичкиот одбор на Бундестагот, демохристијанот Рупрехт Поленц, во основа не е против стационирањето ракетен штит во источна Европа. Но, предупредува на тоа во Европа да не се создаваат нови јазови:
„Ние интензивно ќе вложиме напори Русија во тој ракетен штит да не гледа закана за нејзината безбедност, што објективно и не е случај. Меѓутоа, субјективното чувство може да биде поинакво и со тоа мора да се соочиме„.