Професор Фросина Витковска е меѓу првите студенти кои во рамки на Филолошкиот факултет во Скопје во 2002 година го изучува кинескиот јазик кој за прв пат како изборен предмет таа година е овозможен на Факултетот. Таа течно зборува кинески и во моментов предава и врши истражувања на Универзитетот за економија и право во Вухан, кој е еден од најдобрите во дисциплината право во земјата.
„По дипломирањето добив стипендија од Кинеската влада за магистерски студии и заминав за Вухан. Тогаш не знаев воопшто ништо за овој град, имав слушано за Пекинг, Шангај, Хонг Конг, но за Вухан воопшто немав слушнато“, вели професор Витковска.
Таа работи на истражување и промоција на кинеската култура во провинцијата во која живее, а предава и меѓународна арбитрација, на англиски, но и на кинески јазик.
Во исто време професор Витковска е првата која има оддржано предавање за македонската култура пред кинеските студенти и во недостаток на литература и поголема соработка меѓу двете земји, го дефинира своето работно искуство како „градење на пат низ пусто место“.
„Сеуште сме на почетокот, имам објавувано на кинески, македонски и англиски јазик на областа во која сум насочена, синологијата и лингвистиката. Сеуште сме на почетен стадиум, потребни ни се многу материјали за подлабок развој на македонкско-кинеската култура. Во подготовка е превод на мојата докторска дисертација „Споредбена анализа на македонскиот и кинескиот јазик“ што се планира да се искористи на курсот за македонски јазик што од следниот семестар ќе започне да се изучува овде на Универзитетот во Вухан“-
Професор Фросина Витковска во моментов е единствената Македонка во овој кинески град во кој живее и работи веќе 14 години.