Продолжуваат антиромските протести во Бугарија
27 септември 2011Илјадници Бугари во неколку градови во земјата синоќа излегоа на протести во знак на солидарност со жителите на селото Катуница, кои бараат контроверзниот Кирил Рашков, познат како „Цар Киро“ да се исели од тоа село.
Демонстрации на младите со пароли против ромското и турското малцинство се одржани и во Софија, Пловдив, Варна и Бургас. Протестите се организирани преку интернет по тешкиот инцидент во петокот во селото Катуница, кога во сообраќајна несреќа и судирот по неа загинаа две момчиња. Населението за сообраќајката ги обвинува роднините на локалниот ромски старешина, Кирил Рaшков, барајќи негово иселување.
Голем број од граѓаните на протестите изјавија дека не се припадници на ниту една политичка партија, но дека сакаат да се почитува законот во државата.
Според бугарските медиуми, Кирил Рашков со семејството се наоѓа во еден луксузен хотел во познатиот бугарски зимски туристички центар Боровец.
Автор: ЖА/ АТ/ дв
Редактор: Горан Чутаноски