Претседателски избори во Бугарија
22 октомври 2006Сегашниот претседател Георги Прванов кој беше избран пред пет години, во кампањата се обиде да се прикаже како кандидат на сите Бугари, без оглед што беше претседател на социјалистичката партија. Патуваше низ земјата секогаш барајќи директен контакт со избирачите:
„Секој што сака да биде татко на нацијата, најнапред мора да биде нејзин син„.
Со вакви пароли Прванов добро котира меѓу избирачите. Според различните прогнози, може да добие преку 50 насто од гласовите, но претпоставка за избор уште во првиот круг е учеството на избирачите. Ако биде под 50 насто, а такви се сегашните предвидувања, Прванов ќе мора да оди во втор круг.
Негов противник ќе биде Неделчо Беронов. Остарениот претседател на уставниот суд беше испратен во трката за опозицијата, по долги развлекувања. Беронов се профилира пред се како борец за правна држава и надпартиски кандидат:
„Каков треба да биде претседателот? Тој вистина треба да се држи далеку од политички влијанија. Јас ќе бидам човек на избирачите. Всушност, секогаш бев политичар. Мојата политика – тоа се законите и правилата на државата. Ним им го посветив животот„.
Левичарот Георги Прванов и десничарот Неделчо Беронов всушност се обидуваат да го придобијат гласачкото тело од многу слични позиции: искреност, надпартијност и придржување кон законите. Од една страна тоа е поврзано со ограничените можности за дејствување на претседателот. Од друга, меѓутоа, и со претставите на избирачите кои сакаат претседателот да биде фер политички судија. Токму тоа е полето на акција на третиот кандидат, десниот популист Волен Сидеров. Претседателот на ултра-националистичката партија Атака застапена во парламентот настапува со пароли против странците, и со антиевропски и антиглобалистички критики. За него изборите се добра можност да го нападне политичкиот естаблишмент и да ги инструментализира економските и социјалните проблеми во земјата:
„Овде станува збор за суштинска битка на идеи. За судир на различни идеи„.