По повлекувањето на Израел – палестинска држава само во појасот на Газа?
16 август 2005ер Филип
Времето истекува за околу 8 илјади еврејски населеници, кои со години живееја во појасот на Газа: кој до утре нема да го напушти тој предел, мора да смета на присилна евакуација од страна на израелската војска; повлекувањето е неотповикливо, дури и да дојде и до инциденти притоа. Престој во појасот на Газа по овој датум, според зборовите на израелската влада, е незаконски. Меѓународноправно погледнато, така беше веќе долги години. Според 4-тата Женевска конвенција, на окупаторската сила не и’ е дозволено да презема демографски промени на окупираните територии – значи, ни да депортира нивни жители, ниту таму да населува свои сопствени. Правилото беше усвоено по Втората светска војна, што Израел започна да го крши веќе накусо п освојувањето на појасот на Газа и на Западниот брег во шестдневната војна во 1967-ма година.
Политичкото раководтсво тогаш беше на мислење дека мора да се задржат освоените територии за да се гарантира безбедноста на Израел, но и за вистинско враќање во „библиската земја Израел“. Ариел Шарон беше еден од најжестоките претставници на таа „великоизраелска идеологија“, кој како министер во различни влади силно ја поддржуваше изградбата на населби. Сега како премиер дава наредба за напуштање на населбите во појасот на Газа и само неколку на Западниот брег.
Промена на убедувањето? Секако не. Шарон не е религиозен и како некогашен офицер е толку прагматичен, што се ослободува од товарот на минатото за да ја обезбеди иднината. Својата иднина. А тоа значи: Израел нема понатаму да се повлекува. Најголемиот дел од Западниот брег ќе биде задржан. За таа цел Шарон веќе нареди подигање неверојатни делбени ѕидови, затоа дозволува натамошно ширење на населбите на Западниот брег и веќе доби согласност од Белата куќа дека не е предвидено враќање на линиите од 1967-ма година.
Но, што потоа? Палестинците со мака беа убедени да го земат тоа што можат да го земат. Многумина насетуваа дека Шарон ним сака да им го даде појасот на Газа и потоа ништо повеќе. Тие сепак се согласија и можеби ќе прогласат сопствена држава во Газа. Тоа во секој случај би било мудро, зашто со тоа Палестинците не се откажуваат од ништо, но како држава се ставаат себе си на исто рамниште со Израел и меѓународно добиваат на значење. Во тој дел од палестинската држава можат да дозволат и враќање на бегалците, на пример од Либан.
Дали од таа парцијална ќе стане вистинска држава, ќе зависи од идните преговори меѓу Израел и Палестинците и од потпората што притоа Палестинците ќе ја добијат од странство. Големи надежи во Џорџ Буш не полага никој, но и него го обврзува дадениот збор дека Палестинците треба да добијат сопствена држава. А тој секако тешко дека мислел оти таа држава ќе настане само во појасот на Газа.
Петер Филип