Порше 911- половина век класика на четири тркала
11 март 2014Од 16. ноември 2013. до 16. март 2014. година хамбуршкиот музеј на автомобили Прототип му посвети посебна изложба на легендарното Порше 911 по повод неговиот 50. роденден . Изложбата за класиката меѓу спортските автомобили, со прикажаните возила, нуди информативен увид во еволуцијата на Порше 911.
Вистинските љубители го препознаваат Порше веќе по звукот на моторот. 911 е бројка која претставува икона, легенда. „Страст за Порше, возачи на трки, едноставно супер“, вели еден љубител на Порше. Друг пак се надоврзува: „Покрај забрзувањето и стабилноста, звукот е апсолутно најважното. Фасцинацијата од овој автомобил, исполнување на младешкиот сон е тоа, дека некогаш едноставно велите: по сите мои автомобили, еднаш морам да го имам вистинскиот.“
Усовршуван сѐ до денес
Порше 911 е наследник на моделот 356. Специјалната изложба во пристанишниот кварт на Хамбург е оддавање почит на овој легендарен спортски автомобил. 911-ката за првпат се појави 1963. година на тест патека кај Штутгарт. Новиот модел требаше во сите сегменти да биде подобар од својот предходник и сепак да остане спортски двосед. „Преку силуетата на автомобилот за секого требаше да биде препознатливо дека тоа е Порше. А тоа значи купе-форма“ , објаснува Симон Дракер, куратор на изложбата „50 години Порше 911“.
911-ката беше развивана и усовршувана се' до денес.
„Класичната форма на Порше 911 е дефинирана со рамната, нагоре закосена хауба и заоблените странични калници, кружните светла напред, потоа тука се издигнува линијата на покривот и во прекрасна форма се претопува во задниот дел, на кој повторно се наоѓаат заоблени и истакнати калници, се’ до овде, каде е сместен шестцилиндерскиот мотор со воздушно ладење“, истакнува Дракер.
Изложбата „50 години Порше 911“ ги импресионира и членовите на клубот на љубители на Порше од Хамбург. Во музејот најнепосредно може да се доживее митот за овој автомобил. „Ова е првобитниот тарга-модел“, покажува Томас Матренс од Порше клубот во Хамбург во еден од изложените модели и продолжува: „ Се појави некаде 1964-65. Во тоа време веќе немаше кабриолети. И затоа овие први автомобили тука се со меки покриви. 356 беше младешки сон, тоа беше првиот автомобил, уште се сеќавам, во кој фрлив поглед внатре и на брзинометарот пишуваше 250.“
Возбудливи приказни од минатото
Фасцинацијата за легендарниот автомобил музејот ја претставува на 3 нивоа. Изложени се над 40 специјални тркачки автомобили, прототипи и ретки спортски возила. Големо внимание е посветено и на приказните за конструкторите и возачите. На пример, Ото Мате 1952. година го направи првиот формула-болид на Порше и откако доживеа несреќа на трките возеше со една рака.
„Со оглед дека имаше само една рака, во кривините имаше одреден проблем кој го решаваше многу едноставно. Со градите го притискаше воланот, за со левата рака да ги менува брзините“, раскажува кураторот Дракер . На овој начин, Ото Мате победи во речиси сите трки во кои учествуваше.
Насекаде во музејот се прикажуваат и филмови кои дополнително ја засилуваат фасцинантноста на ова возило и раскажуваат приказни од историјата на авто-мото спортот. Оти, автомузејот не е само за вљубениците во Порше.