Полицијата го уапси германскиот „Рамбо“
17 јули 2020Синопсисот од култниот акционен филм „Рамбо“ си најде место во вистинскиот живот, во близина на селото Опенау на југот на Германија.
Шест дена траеше полициската потрага по 31-годишниот Ив Рауш, бездомник, кој во неделата побегна во шума откако претходно разоружа четворица полицајци. Стотици полицајци го пребаруваа регионот со помош на специјални сили, хеликоптери, кучиња-трагачи и термални камери во потрага по бегалецот кому германските медиуми му го дадоа името „Рамбо од Црната шума“ откако се појавија фотографии од него во камуфлажна униформа.
Драмата започна во неделата кога полицијата била информирана за сомнително лице кое престојувало во колиба кај селото Опенау. Четворица полицајци биле испратени на местото и лицето најпрво мирно разговарало со нив. Но потоа, тој „одеднаш целосно неочекувано“ извадил пиштол и ги натерал полицајците да му го предадат нивното оружје. Рауш со него носел и стрела и нож.
Обвинителството во Опенау вели дека Рауш имал долго криминално досие кое опфаќало илегално оружје, кражби и телесни повреди.
Додека траеше потрагата, во понеделникот во регионот беа затворени училиштата, градинките и отворените базени.