Политички Берлин не ја прифаќа одлуката на Медведев
27 август 2008
Со оваа одлука ситуацијата во Кавкаскиот регион ќе се влоши уште повеќе, оцени германскиот Министер за надворешни работи Франк Валтер Штајнмајер вчера во Берлин.
„Токму во изминатите недели видовме многу јасно како ситуацијата може брзо да излезе од контрола. Затоа ги повикувам сите засегнати на што е можно побрзо враќање кон разумот и одговорносто однесување!“
Штајнмајер ја откажа турнејата по Африка закажана за почетокот на септември за да може да се вклучи во советувањата во рамките на ЕУ околу кавкаската криза.
Осуда и од политичките партии
Експертот за надворешна политика на владеачката партија на Германија, христијанско демократската унија, Екарт фон Кледен, побара темелно преиспитување на европските односи со Русија. При тоа Фон Кледен со скеспа гледа на можноста за прекин на започнатите преговори со Русија за нов договор за партнерство. Овој договор на Европа и’ е барем толку потребен колку и на Русија.
Германските Либерали пак предупредија од балканизирање на Кавказот. Секаква аналогија со признавањето на Косово е погрешна, порача експертот зе европски прашања на оваа партија Маркус Ленинг. Одговорноста за ескалацијата тој ја гледа кај Русија:
„Русите во разни резолуции на ОН уште порано го признаа територијалниот интегритет на Грузија. Освен тоа, секогаш е погрешно да се регулираат настојувањата на разни делови од тој регион кон независност преку еднострани мерки. Ако нешто такво воопшто се случува, тогаш тоа треба да оди преку преговарачки процес.“
Независноста на Косово ја прави Меркел неверодостојна
И Партијата на новата левица оцени дека признавањето на грузиските покраини е кршење на меѓународното право. Но, тоа е исто како и признавањето на Косово, порача претседателот на парламентарната група на Партијата на левицата Грегор Гизи. Тој ја критикува канцеларката Меркел дека е неверодостоен бранител на меѓународното право, бидејќи пред половина година ја поздрави декларацијата за независност на Косово.