Плевнелиев е новиот претседател на Бугарија
31 октомври 2011Кандидатот на владејачката десничарска партија во Бугарија, Росен Плевнелиев беше избран за нов претседател на Бугарија на вчерашните избори, покажуваат анкетите за излезност. Според тие анкети, Плевнелиев го победил Ивајло Калфин со 54 проценти од гласовите, наспроти 46-те кои ги освоил кандидатот на социјалистите.
Официјалните податоци се очекува да бидат соопштени денеска. Но, аналитичарката во Институтот за истражување „Алфа“, Бојана Димитрова е категорична дека „разликата меѓу двајцата кандидати не може да се премости“. Според нејзините податоци, владејачката партија „Граѓани за европски развој на Бугарија“ на премиерот Бојко Борисов убедливо ги освоила и паралелните избори за градоначалници во мнозинството од градовите.
„Ако загубевме на гласањето, ќе одевме на предвремени избори и во веројатна политичка криза во едно од најтешките времиња за сите во Европа“, изјави Борисов на прес конференција по завршувањето на гласањето. Неговиот претседателски кандидат им се заблагодари на сите што го поддржале.
„Ќе работиме деноноќно за европски развој на Бугарија“, вети Плевнелиев. Функцијата на претседател на Бугарија се извршува во период од пет години и е повеќе церемонијална, со ограничена моќ.
Автор: Александар Методијев/ АФП/Макфакс
Редактор: Борис Георгиевски