Папандреу бара преговори, Самарас предвремени избори
5 ноември 2011Довербата во парламентот ја доби, но покерот за политичка превласт продолжува: Премиерот Јоргос Папандреу и натаму се залага за влада на национално единство. За таа цел ќе започне разговори со сите партии, најави Папандреу по средбата со грчкиот претседател Каролос Папуљас.
Инаку, канцеларијата на Папуљас соопшти дека претседателот на државата утре треба да се сретне со водачот на опозиционата Неа демократија, Самарас.
Шефот на државата може да ги повика партиите да учествуваат во коалиционата влада. Според извештај на телевизијата Нет, Папандреу изјавил дека ќе стори се’ што е во негова моќ за да формира широка владина коалиција. Оваа коалиција би останала на власт четири месеци и според него би имала задача да ги одобри сите закони произлезени од европскиот самит за пакетот за спас за Грција од 27-ми октомври.
Самарас опстојува на барањата
Изгледите за формирање на влада на национално единство меѓутоа се чинат мали. Шефот на грчката опозиција Андонис Самарас денеска го повтори барањето за оставка на премиерот Јоргос Папандреу и итно одржување на нови избори.
„Господинот Папандреу не сака соработка. Тој треба да поднесе оставка. Тој е опасен за земјата“, изјави претседателот на најголемата грчка опозициона партија, конзервативната Неа демократија.
Самарас пледира за преодна владина коалиција за кратко време, за парламентот да може да го одобри европскиот финансиски пакет за спас за Грција. Оваа влада, според шефот на Неа демократија, би требало само да го премости периодот до предвремените избори. Самарас истовремено најави дека за натамошни мерки за штедење нема да гласа. „Ќе вложам напори за вознемиреноста во странство да се смири. Реформите ги прифаќаме“, рече Самарас.
Автор: АТ/ ЖА/ ард/ дпа/ ројтерс
Редактор: Ж.Ацеска