Пападемос за кусо време треба да ја изведе Грција на вистински пат
10 ноември 2011Лукас Пападемос се соочува со огромна задача да ја задржи задолжената земја во еврозоната и да ја одржи што подалеку од банкрот. 64 годишниот банкар ќе ја води владата на националното единство, составена од социјалистите и опозицините конзервативци, која ќе постои до спроведувањето на изборите. Пападемос изјави дека нема сигурен датум кога ќе се одржат изборите, иако тие беа најавувани за 19-ти февруари следната година.
Грција на критична крстосница
Зборувајќи надвор од претседателската палата, Пападемос на новинарите им изјави дека економијата се соочила со големи проблеми и покрај месеците минати во штедење.
„Грција е на критична крстосница и патот што ќе го одбере ќе биде значаен за луѓето. Тоа нема да биде лесен пат, но тие прашања ќе се решат многу побрзо со единство, разбирање и мудрост за справување со проблемите на најдобар можен начин“, рече Пападемос, кој до скоро му служеше како советник на премиерот во заминување, Јоргос Папандреу.
Притоа тој информираше дека негов клучен приоритет ќе биде имплементирањето на одлуките донесени на Самитот на ЕУ одржан на 26-ти и 27-ми октомври, а во врска со одлуката за договорот за долгот од 130 милијарди евра.
„Голема е честа, но одговорноста е поголема“, нагласи Пападемос. Тој притоа ги уверуваше Грците дека еврото им е потребно. „Убеден сум дека учеството во еврозоната е гаранција за фискалната стабилност и фактор на економски просперитет“, додаде ново-именуваниот грчки премиер. Составот на новиот кабинет се очекува да биде познат во петок.
Прва задача – убедување на ЕУ и ММФ за исплата на парите
Неговата прва задача ќе биде да ги убеди ЕУ и Меѓународниот монетарен фонд да го исплатат делот од осум милијарди евра до 15-ти декември. Но, потоа ќе мора да спроведе и болни мерки за штедење, за добивање на вториот пакет од европскиот фонд за спас, кој на Атина ќе и даде 100 милијарди евра заеми, исто толку кратење на долгот и дополнителни 30 милијарди евра гаранции.
По охрабрувачките изјави на Пападемос цените на акциите на грчката берза скокнаа за над три проценти.
Објавувањето на името на 64 годишниот поранешен заменик претседател на Европската централна банка дојде по четири дена маратонски преговори меѓу грчките политички лидери. Изборот паднал на поранешниот професор по економија на Универзитетот Колумбија во Њујорк, затоа што тој одиграл клучна улога во подготвувањето на Грција за членство во еврозоната пред една деценија, но тој никогаш претходно нема искуство со раководење на политичка канцеларија.
Грчката финансиска криза се претвори во политичка минатата недела, кога Папандреу рече дека ќе го стави европскиот пакет за спас на референдум, со што предизвика бура на берзите низ светот и гнев кај европските лидери. Подоцна го повлече предлогот за референдум и се повлече од функцијата премиер на Грција, со цел да се формира влада на национално единство.
Автор: Александар Методијев/ ДПА/ АФП
Редактор: Симе Недевски