„Падни - стани“ меѓу Скопје и Софија
14 јули 2014Целосно неизвесна станува можноста за заедничка прослава на Македонија и Бугарија на празникот Илинден, иницијатива која во почетокот на мај доби поддршка во двете земји како знак на добра волја за развојот на меѓусебните односи. Иницијативата беше ставена во контекст на Договорот за добрососедство, кој со години се „пегла“ меѓу работни групи од министерствата за надворешни работи на двете земји. Но, мајските оптимистички најави се стопија како сладолед на јулско сонце. Две недели пред Илинден молк и воздржаност ги одбележува односите на релација Скопје – Софија. А се беше сосема поинаку два месеца претходно, кога бугарскиот претседател Росен Плевнелиев ја прифати понудата од македонскиот колега Ѓорѓе Иванов, Декларацијата за сорботка од 1999 година да биде преточена во нов Договор за добрососедство и соработка.
„Со подготовност го примам искажаниот предлог од Вас, Декларацијата на премиерите на Република Бугарија и на Република Македонија од 1999. година да биде трансформирана во Договор за добрососедство и соработка. Убеден сум, дека ако се почитуваат стриктно клаузулите на тој договор, нашите две држави ќе покажат политичка волја да бидат заедно дел од големото европско семејство, споделувајќи ги вредностите на демократијата“, напиша Плевнелиев во писмото до македонскиот колега. Притоа изрази очекување, во најкраток можен рок, по формирањето на новата Влада на Република Македонија, да биде реализирана средба за прецизирање на техничките параметри на Договорот за добрососедство и соработка, а по исполнувањето на соодветните внатрешнополитички процедури - да биде организирано неговото потпишување во Софија.
Знак на созревање
Македонската влада е конституирана, но таква средба до денес не е организирана, ниту има најави за такви активности. Од Кабинетот на претседателот Иванов, ни по една недела консултации, не одговорија за Дојче веле каде „заглави“ иницијативата. Аналитичарот Сашо Клековски, вели дека Македонија треба да направи сè за да се склучи договорот за добрососедство со Бугарија до септември оваа година.
„Декларацијата за добрососедство од 1999 година е добра основа за договорот. Секако, Бугарија ќе инсистира да се тестира македонската подготвеност, пред се преку заедничко одбележување на настани и личности. Првата проба, со заедничкото чествување на Светите Кирил и Методиј, помина успешно. Следува вистинскиот предизвик - заедничко одбележување на Илинден. Секако дека за Бугарија тоа ќе биде клучно за склучување на договорот за добрососедство. Во неодамнешно интервју за бугарски медиум, македонскиот министер за надворешни работи, Никола Попоски, се обиде да го одбегне одговорот за заедничкото одбележување на Илинден, одговарајќи дека во принцип не е против идејата, како дел од европската култура, но дека најдобро е најнапред да се изгради меѓусебна доверба. Како одговор од дипломат, добро срочено. Но, со одлагање не се гради меѓусебна доверба. Зошто на 2 август 2014 година, претседателот Ѓорѓе Иванов не го покани својот бугарски колега Плевнелиев во Крушево, или не ја прифати поканата за заедничко одбележување во Бугарија? Како што заедничкото одбележување на Светите Кирил и Методиј не ги направи светите браќа повеќе или помалку Бугари или Македонци, така и заедничкото одбележување на Илинден, нема да го направи востанието повеќе бугарско или македонско. Заедничкото одбележување само ќе покаже дека сме пораснале, сме созреале“, оценува Клековски.
Од македонското МНР декларативно повторуваат дека земјата е посветена на тоа прашање, но и од таму нема одговор зошто заедничката прослава на Илинеден не би можела да биде првиот чекор во кршењето на мразот.
„Република Македонија е посветена страна во однос на прашањето за Договорот помеѓу двете земји. Доказ е изјавата на претседателот Иванов кој го прифати предлогот на колегата Плевнелиев веднаш да пристапат кон тоа. Бугарскиот претседател бараше прво да има конституирање на Владата во Македонија, а тоа веќе се случи. Се надеваме дека нема да има натамошни одлагања и дека ќе се пристапи кон затворање и на тоа прашање. Во меѓувреме има голем напредок - Коридорот 8, работните групи за транспорт, бизнис форум во Штип, соработка меѓу академиите на науки...“, велат од МНР, без објаснување кој е тој што „одложува“.
Признавање на јазикот
Но, според севкупната атмосфера, се чини дека и годинава илинденската прослава ќе биде предмет на стари репризи. Кога лани Бугарскиот културен клуб од Скопје повика на заедничка прослава на Илинденското востание, тоа во македонската јавност беше оценето како „нова провокација од Бугарија“. Денес со слични ставови за можноста од заедничка прослава се спротивстави Австралиско-македонскиот комитет за човекови права, според кој, загрижувачка е можноста Декларацијата од 1999 година да биде преточенa во Договор за добрососедство.
„Со оваа декларација тогашната влада на Љубчо Георгиевски се откажа од уставната обврска да ги брани правата на Македонците во Бугарија, а истовремено се согласи да ја користи формулацијата 'македонски јазик, според Уставот на Република Македонија', со која се оспорува автентичноста на македонскиот јазик. Затоа, ја повикуваме македонската влада да се откаже од намерата Декларацијата да се претвори во договор, се додека Бугарија одбива официјално да ја признае македонската нација, јазик и култура. Бугарскиот претседател Плевнелиев неодамна му предложи на претседателот Иванов оваа година заеднички да се слави Илинден, прво во Бугарија, а потоа и во Македонија. Овој подмолен предлог е само продолжение на децениските бугарски обиди да се прикаже дека 'Македонците се Бугари' засновани на принципот 'еден народ во две држави'“, реагираа од Австралиско-македонскиот комитет за човекови права.
И за „ОМО Илинден-Пирин“ недозволиво е добрососедството да се гради на сметка на македонското малцинство и нивните човекови права, а притоа „срамната Декларација од 1999 година“ да стане основа за тоа. Ваквиот став доаѓа откако Основниот суд во Благоевград повторно го отфрли барањето за регистрација на ОМО Илинден Пирин во Бугарија, со образложение дека „тоа е против уставните начела и единството на нацијата“.
Но, отпорот не доаѓа само од македонската дијаспора. И организацијата „Македонски манифест“ од Скопје во која членуваат познати македонски интелектуалци, порача дека без признавање на македонската нација, славењето на заеднички празници помеѓу Македонија и Бугарија е невозможно, бидејќи е спротивно на историската правда.
„Заеднички датуми кои ги поврзуваат Македонија и Бугарија се, на пример, Денот на победата над фашизмот, 9 Mај, или почетокот на дипломатските односи меѓу двете држави. Илинденското востание не може да се слави заедно. За да има добрососедство меѓу Македонија и Бугарија мора да бидат направени конкретни чекори. Прв чекор е да ги признаете македонската нација и јазик, исто како што Македонија ги признава бугарската нација и јазик, се вели во отвореното писмо од „Македонски манифест“ до источниот сосед. Од таму потенцираат дека без доверба нема добрососедство, независно колку договори за добрососедство ќе се потпишат.
Нема волја
Според аналитичари, ваквите реакции се типично ехо на она што властите го рефлектираат како официјалната политика кон соседите, а со „таква политика на затвореност“ кон секаква можност за унапредување на односите, не е чудно што Македонија станува земја која денес има проблеми со сите соседи. Поранешниот македонски амбасадор во Софија, Ѓорѓи Спасов, и добар познавач на односите Скопје-Софија, проблемот го лоцира во недостигот на искрена волја кај власта за затворање на отворените прашања.
„Мислам дека Груевски и Иванов немаат ниту намера, ниту волја за потпишување на договор за добрососедска соработка, врз основа на веќе потпишаната Декларација. Тие и Декларацијата ја сметаат за еден вид национално предавство кој го направил некој друг. Тој акт на национално предавство, како и Рамковниот договор кој исто така го потпишал некој друг, тие се подготвени да го почитуваат како грешка од претходните влади, но не се подготвени да одат чекор понатаму. Оттука, додека се тие на власт, не треба да се очекува каков било исчекор во унапредувањето на македонско-бугарските односи, бидејќи вината за секој проблем во Македонија тие ја гледаат во некој друг. Еднаш тоа се претходните влади, односно сегашната опозиција, друг пат тоа е Грција, а во овој случај ќе биде непопустливоста и национализмот на Бугарија“, оценува Спасов.
Додека во Скопје се создава фронт против заедничката прослава на Илинден, Владата во Софија, пред неколку дена донесе одлука да финансира два проекта во Македонија, во вкупна сума од околу 30 илјади евра, средства кои ќе бидат обезбедени од државниот буџет.
Првиот проект е изградба на челичен пешачки мост на реката Отиња во центарот на Штип во вредност од околу 15 илјада евра, за кој општината аплицирала пред три месеци, со посредство на бугарската амбасада во Македонија. Околу 14 илјади евра Бугарија ќе донира и за училиштето „Д-р Златан Сремац“ во Скопје, за изградба на детско игралиште и за реновирање на салата за обука и рехабилитација, со што ќе се подобрат условите за развој и социјализација на 122 деца со посебни потреби. Ова не е првпат Бугарија да финансира проекти во Македонија, а како што велат од бугарското МНР, и реализацијата на последните два проекта е израз на заложбите на Бугарија да придонесе за развој на добрососедските односи и на партнерството со Македонија. За жал, ваквите вести не добиваат гласност во македонската јавност. Но, тој молк не ја ослободува Македонија од обврската или желбата да покаже со што таа ќе придонесе во градењето добрососедство.