Очекуван напад на радикалните исламисти
15 декември 2014Австралиската заложничка драма во која вооружено лице истакна исламистичко знаме, следува по повеќемесечни предупредувања од можни напади на „осамени волци“, и експертите велат дека властите ќе мораат подобро да се справуваат со проблемот.
Инцидентот се случува по серијата предупредувања од владата за радикализацијата на муслиманите, во прв ред поради конфликтите во Ирак и Сирија и симпатиите кон групата Исламска држава.
Австралија го зголеми нивото на безбедност во септември годинава по заканите од екстремистички групи и откривањето на заговорот на Исламската држава да изведе егзекуции во земјата.
„Длабоко сум загрижен поради заканата од осаменички напади врз граѓаните“, изјави австралискиот премиер Тони Ебот во септември.
Исламската држава како повод
Ен Елај, експерт за борба против тероризмот од Картин Универзитетот во Западна Австралија, вели дека радикализацијата во Австралија е постепен процес во последните пет години, но станал далеку позабележителен по активирањето на групата Исламска држава.
„Наративот на џихадистите е таков што наоѓа оддек во секојдневниот живот на некои млади луѓе во Австралија“, вели Елај.
„Доколку го погледнете одблизу тој наратив, станува збор за виктимизација, прогон и загрозеност на муслиманите“.
Црното знаме кое беше истакнато на прозорецот од кафулето во Сиднеј, вообичаено се користи од џихадистичките групи и на него е истакната „шахада“- порака за верата во Ислам: „Нема друг Бог освен Алах; Мухамед е негов пророк“.
Австралија испрати околу 600 војници и неколку летала во Ирак, а премиерот Ебот во повеќе наврати ја нарекуваше Исламската држава „апокалиптичен култ на смртта“.
Елај вели дека во земјата се јавува и растечко десничарско, националистичко движење, поради кое некои муслимани се чувствуваат загрозени.
„Тоа ги наведува да мислат дека има некоја вистина во тврдењето за загрозеност на муслиманите. И можеби затоа што чувствуваат дека се толку далеку, мислат дека треба тука да сторат нешто“.
Анти-терористичкиот експерт од Чарлс Стјурт Универзитетот, Ник Обрајен, вели дека нема да биде изненаден доколку се открие поврзаност со Исламската држава на киднаперот од кафулето.
„Кога дојдовме во ситуација, Австралијци да бидат регрутирани и да патуваат на Блискиот исток за да се борат за ИС, неодминливо е дека нешто ќе се случи и тука, и ова е тоа“, вели Обрајен.
Осуда од муслиманите
Австралиската влада веќе презеде мерки за да го оневозможи патувањето и учеството на нејзини граѓани во војните на Блискиот исток. Патувањето во терористичките зони е прогласено за кривично дело, а веќе им се одземени пасошите на повеќе од 70 луѓе за кои постоело сомнение дека сакаат да им се приклучат на џихадистите.
Професорот на студиите за тероризам во Волнгонг, Адам Долник вели дека кај повеќето луѓе овој случај ќе буди асоцијации на Исламот.
„Секако тоа може да биде многу штетно“, вели тој.
Големиот муфтија на Австралија Ибрахим Абу Мохамед веднаш го осуди настанот, заедно со други муслимански лидери во земјата, оценувајќи го како „криминален акт“.
„Секој сличен одвратен акт само им служи на агендите на оние кои сакаат да ја уништат добрата волја на луѓето на Австралија и дополнително да ја оштети и исмее исламската религија, како и австралиските муслимани низ целата земја“, соопштија исламските верски лидери.