Опомената од Солана до Израел е на место, но и Џорџ Буш е повикан да го крене гласот
12 јули 2005Изградбата на ѕидот во Ерусалим ја критикуваше претставникот за надворешна политика на ЕУ Хавиер Солана вчера по средбата со израелскот министер Силван Шалом. За ЕУ ѕидот е илегален и создава хуманитарни проблеми за илјадници Палестинци, рече Солана, кој е во посета на Израел.
Градењето на гигантската бариера пред една година беше предмет на расправа во Меѓународниот суд во Ден Хаг. Судот дојде до ист заклучок како и Солана: градењето е во спротивност со меѓународното право. Навистина, никој не може и не сака да го стави под прашање правото на Израел на безбедност, но ако тој верува дека ќе може да се штити со бариера, тогаш неа треба да ја подигне на сопствена територија.
Израел го отфрли таквиот став, како што отфрла и каква и да е критика од странство. Иако официјално градењето се аргументира со безбедносни причини, одамна меѓутоа на сите им е јасно дека владата на Шарон со проектот вреден милијарди долари следи сосем јасни политички цели: додека го подготвува повлекувањето од појасот на Газа кон средината на август, владата сака да обезбеди поставување на идната граница со палестинска држава што можеби некогаш ќе настане на Западниот брег. Тоа прво го претстпоставуваа само Палестинците, во меѓувреме и израелски политичари веќе го потврдија.
Со тоа пак станува и официјално дека Израел, следејќи свои политички цели, свесно го крши меѓународното право. Досега за тоа се’ уште добива поддршка од Вашингтон, зашто Џорџ Буш и натаму стои зад Шарон, но и затоа што има доволно проблеми во Ирак, каде – патем – токму и самиот дозволи градење ѕид околу „зелената зона“. Но, Буш веќе јавно се искажа за создавање палестинска држава и време би било да го крене гласот против тоа што Шарон се’ повеќе и’ ја одзема територијалната подлога на таа држава. И Европејците би требало повеќе да преземат против тоа. Опомената од Солана секако е на место, но таа може да биде само почеток.
Петер Филип