Од Подгорица за Париз
17 ноември 2015Калашникови, пиштоли, рачни гранати и експлозив - германските безбедносни служби при рутинска контрола на автопатот А8 кај Бад Фајлнбах пронајдоа цел арсенал оружје. Добро сокриено во изнајмен Голф 5, зад чиј управувач седел црногорскиот државјанин Влатко В. (целото име му е познато на ДВ). Според медиумски извештаи, во неговиот навигационен систем како крајна дестинација бил ставен Париз. Влатко В. на полицијата и‘ рекол дека сакал само да ја види Ајфелова кула. Наводно немал поим за оружјето во автомобилот.
Сето тоа се случува на 5 ноември 2015 - само осум дена пред нападите во Париз. Германските власти за тоа ги информирале своите црногорски колеги дури на 10 ноември, се вели во Подгорица. Апсењето во Германија најверојатно се третирало како изолиран случај на шверц на оружје, кој нема врска со тероризам.
Висок по функција црногорски политичар, чие име не беше објавено, за агенцијата Мина тврдеше дека е инсинуација тврдењето дека црногорскиот државјанин би можел да има нешто со нападите во Париз. Весникот „Побједа“, близок до власта, медиумските извештаи од Германија дури ги оцени како „пропаганда“ која има за цел да го спречи очекуваниот влез на Црна Гора во НАТО.
Уапсениот живеел во сиромаштија
Црногорската полиција побрза да објави дека Влатко В. досега не и‘ бил познат и, пред се‘, дека не е муслиман, туку е православен христијанин. Зоран Миљаниќ е бесен поради тоа. „Нејасно е како црногорската полиција толку бргу можеше да исклучи поврзаност меѓу лицето и нападите во Париз“, нагласува за ДВ претседателот на парламентарната Комисија за безбедност. „И забелешката дека лицето е православен христијанин нема смисла“, објаснува овој политичар. Луѓе од сите религии можат да бидат вмешани во терористички активности и во нивната логистика.
Според информации на ДВ, 51-годишниот Влатко В. потекнува од село во регионот Биоче, на околу 20 километри северно до Подгорица. Не е оженет и нема деца. Неговиот брат и други роднини го опишуваат како човек кој живеел во тешки услови и кој заработувал пари работејќи повремено на ниви или лозја. Неговите роднини наводно не знаеле дека тој е на пат од Подгорица за Париз. Два дена по нападите, на 15 ноември, неговиот брат е сослушан од страна на црногорската полиција.
Исламистичка пропаганда
Црногорските власти знаат дека во малата земја на Јадранот постои исламистичка сцена. Џихадистичка пропаганда има пред се‘ во пограничните регионот со Босна, Косово и Албанија. Освен тоа, познато е дека одделни црногорски државјани им се имаат приклучено на терористички групи во Сирија.
На крајот на октомври, на пример, Сирија на Црна Гора и‘ испорача ранет борец на т.н. Исламска држава. А, минатиот јуни ИД продуцираше големо видео за Балканот, во кој муслиманите од регионот беа повикани да ги убиваат своите соседи. Стотици борци од Косово, Босна и Србија веќе се борат на Блискиот Исток.
Црногорскиот пратеник Миљаниќ затоа неодамна предложи заострување на законите, со што би било овозможено казнување на црногорски државјани кои учествуваат во војни во странство. „Има поединци, можеби дури и организирани групи, кои одат во војна во странство. Според нашите сознанија, во Црна Гора нема тренинг-кампови за џихадисти, но земјите во кои очигледно има вакви кампови, како Босна, Косово, а можеби и Македонија, се оддалечени на само два до три часа возење.“
Останува нејасно дали Влатко В. знаел што транспортира во автомобилот и кој требало да го преземе возилото во Париз. Зашто, и покрај тоа што повеќе баварски политичари укажуваат на тоа, потврда за поврзаност со атентатите во Париз се‘ уште нема. Меѓутоа, она што е јасно е дека соработката меѓу германските и црногорските власти во случајов била се‘, само не ефективна.