Нула проблеми и 11 отсто одзив до 11 часот
15 јули 2020Според обработени податоци од 3.134 гласачки места до 11 часот гласале 199.495 граѓани или 11 отсто од вкупниот број гласачи. Најголема е излезноста во ИЕ 1 (13,7%) пришто и натаму најголем одзив има во општината Аеродром (17,6 отсто), а слично е и во Карпош и Кисела Вода. Одзивот во ИЕ 2 е 9,64 отсто (со највисока излезност во Бутел). Во ИЕ 3 одзивот е 13,08 отсто (највисок е во Градско, Крива Паланка и Пробиштип), а во ИЕ 4 изнесува 13,46 отсто (највисок во Дојран, Демир Капија, Новаци и Прилеп). Во ИЕ 5 одзивот бил 10,55 отсто со најголема излезност во Битола (16,91%), а досега најмала е излезноста во ИЕ 6, каде најголем одзив сепак бележи Тетово со 8,13 %.
Нема пријави до ЈО
Според ДИК гласањето и натаму тече мирно и без никакви проблеми, а на тоа укажува и соопштението од Јавното Обвинителство
„До овој момент, од почетокот на гласањето во oсновните јавни обвинителства, како и во Комисијата за следење на изборни нерегуларности и преку електронската адреса izbori@jorm.mk нема пристигнати пријави за изборни нерегуларности поврзани со настани од процесот на гласање", соопшти Јавното обвинителство.
Во текот на ноќта и предизборните денови пристигнале неколку известувања, од кои во голем не биле утврдени елементи на сторени кривични дела. За другите известувања, јавните обвинители преземале дејства во предистражна постапка, за да се утврди постоењето на кривичното дело и сторителот.
„Рано утринава е пријавен настан кој се случил во 03,20 часот во ПО Галате каде дошол претседателот на Месната заедница од село Дебреше и пријавил кршење на предизборен молк од страна на две лица од село Дебреше. Лицата со автомобил низ селото растурале пропаганден материјал - флаери на една од коалициите, при што биле забележани и физички нападнати од друго лице. Од настанатите повреди едно од лицата кои делеле пропаганден материјал е пренесен во Ургентен центар - Гостивар. Сите иволвирани во моментот се во ПО Галате .Се работи на расчистување и документирање на случајот“, се наведува во соопштението.
Од ЈО наведуваат дека за овие настани, како и за сите други кои евентуално би пристигнале во обвинителствата, надлежните јавни обвинители и Комисијата за следење на евентуални изборни нерегуларности, итно и со приоритет во работењето ќе ги преземат сите потребни дејствија за расчистување на настаните.
Изборни графити, партиски плакати, флаери
А како што соопшти МВР, до отворањето на избирачките места во 7 часот, биле регистрирани осум настани од кои шест на подрачјето на СВР Скопје, и по еден на подрачјето на Гевгелија и Велес.
Во скопско, во селата Виниче и.Љубанци биле забележани закачени знамиња на политичка партија во близина на гласачки места. По интервенција на избирачките одбори знамињата биле отстранети. Во селото Брњарци во близина на избирачко место имало плакат на политичка партија, кој бил отстранет од страна на Избирачкиот одбор. Во близина на основното училиште „Његош“ каде што има четири гласачки места, биле испишани графити во врска со изборите, а истото се случило и во близина на пензионерски дом „Автокоманда“ каде што има две гласачки места, како и во Велес во близина на избирачко место бр.2135.
За сето тоа биле известени избирачките одбори. Во 6 часот во Полициската станица Центар било пријавено дека во дворот на основното училиште „Никола Вапцаров“, во близина на гласачко место биле забележани плакати од политичка партија, кои биле отстранети од избирачкиот одбор. Во Богданци биле расфрлани повеќе флаери од политичка партија,
По почетокот на гласањето, набљудувачите јавуваат дека изборниот процес поминува мирно и без проблеми. Граѓанската асоцијација „МОСТ" на денешната прва прес-конференција соопшти дека утрово не биле забележани неправилности и дека гласањето се одвива безбедно, согласно здравствените протоколи. „МОСТ" го следи денешното гласање со 900 набљудувачи. На 696 гласачки места, избрани според случаен и репрезентативен примерок, распоредени се исто толку набљудувачи, со што се покриени 20 проценти од вкупниот број на гласачки места на територијата на целата држава, како и 20 проценти од гласачките места во рамките на секоја изборна единица.
Во текот на денот на бесплатната телефонска линија 080 080 080 граѓаните може да пријавуваат евентуални нерегуларности или да дадат информации поврзани со изборниот процес.