Новинарите- шпиoни и денес меѓу елитaта во Бугарија
16 декември 2009Тошо Тошев, главниот и одговорен уредник на популарниот весник „Труд“ во сопственост на германскиот издавач „ВАЦ“ со години за комунистичката тајна служба држел стан во кој биле изведувани конспиративни активности. И Валери Најденов, поранешен главен и одговорен уредник на вториот весник во сопственост на „ВАЦ“ -„24 часа“ патувал во странство како „информатор“ на тајната служба. Тоа се само две имиња од долгата листа новинари од печатените медиуми, кои пред падот на комунизот во Бугарија во 1989 година соработувале со злогласната тајна служба. Во неа се спомнуваат и многу високи функционери во Бугарското здружение на новинари, познати коментатори и колумнисти.
Таа соработка на медиумските работници со тајните служби е крајно проблематична, смета Методи Андреев, кој со години раководеше со бугарската комисија за обработка на таа документација: „Тие луѓе секогаш работеле за своите сопствени интереси. Честопати се вели дека само ги бранеле националните интереси, но тоа е глупост. Тие се грижат само за себе!“
Најпознатиот бугарски експерт за медиуми, професорот Георги Лозанов пак вели: „Тие згрешија двапати. Првпат кога се согласија да соработуваат со тој систем, а вторпат денес, кога не искажуваат никакво каење.“
До приватни медиуми со парите од комунистичкиот режим?
Законот за пристап до документацијата на комунистичката тајна служба, донесен во 2006 година, утврдува постепено отворање на архивите од периодот меѓу 1944 и 1991 година и тоа на онаа документација што се однесува на личностите од јавниот живот. Најпрво на ред дојдоа членовите на владата и на парламентот, а потоа и новинарите. Притоа утврдено е дека од новинарите, кои во тоа време биле на клучни позиции, само пет до десет насто биле на списокот на соработници на тајната служба. Но, она што загрижува е фактот дека токму тие денеска доминираат со приватните медиуми.
Всушност, многумина се прашуваат дали можеби тие по падот на комунизмот не ги основале тие комерцијални медиуми токму по налог на својот бивш работодавец или барем со пари што потекнуваат од касата на комунистичкиот режим? И професорот Георги Лозанов ја смета ваквата ситуација за проблематична: „Станува збор за тоа дека службата за државна безбедност во посткомунизмот живее втор живот. Тајната служба како организација денес веќе не постои, но нејзините претставници седат на клучни позиции“
Со бојкот граѓаните можат да ги казната новинарите- шпиуни
И актуелниот бугарски претседател Георги Прванов бил соработник на комунистичката тајна служба, исто како и стотици парламентарци и десетици министри во владите по падот на комунизмот. Дури и во актуелната влада седат двајца министри со неславно минато. Тоа не е забрането со закон, бидејќи објавувањето на документацијата на тајната служба не е поврзано со казнување. Како оправдание се наведува тоа дека станува збор за други времиња и оти тие луѓе тогаш работеле во служба на „националната безбедност и за државниот интерес“.
Методи Андреев единствена можност гледа во тоа граѓаните самите да ги „казнат“ поранешните шпиoни со бојкот на нивните медиуми. Меѓутоа тој не верува дека тоа ќе се случи: „Бугаринот не е способен да спроведе лична лустрација. Не е ни способен, ниту има волја да ги почитува законите. Затоа тие луѓе во Бугарија се многу јаки, се вбројуваат во елитата и имаат голем медиумски и финансиски потенцијал.“
Автор: Александар Андреев/ Симе Недевски
Редактор: Александра Трајковска