Нова „бомба“ на Зоран Заев
20 февруари 2015Нови скандалозни разговори на владини претставници, министри и новинари во кои се договараат апсења, медиумско покривање, па дури и запирање опозициски автобуси, објави денеска лидерот на опозициската СДСМ, Зоран Заев. На денешната прес-конференција Заев ја презентираше и третата „бомба“. Најконтроверзниот од прислушкуваните разговори содржи дискусии кои сведочат за политички монтиран процес при апсењето на поранешниот министер за внатрешни работи Љубе Бошкоски. За тоа сведочи презентираниот разговор на шефот на УБК, Сашо Мијалков со одговорните во телевизиите Канал 5 и Сител, Емил Стојменов и Драган Павловиќ- Латас, кои „ликуваат“ на тој чин. Меѓудругото беа презентирани и разговори меѓу министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска и шефот на кабинетот на премиерот, Мартин Протуѓер.
Во првиот разговор меѓу Мијалков и Латас, шефот на УБК на Латас му го најавува апсењето на Бошкоски како „едно изненадување, кое ќе се случи на денот на изборите“, а потоа разговараат за тоа каков медиумски третман треба да добие.
И Емил Стојменов со Мијалков разговара за апсењето на Бошкоски, и исто така гарантира медиумски третман, нагласувајќи дека „ќе му се направи ќефот, ако го види уапсен и Љубчо Георгиевски“.
Во следниот разговор меѓу министерката Јанкуловска и Протуѓер, се работи за пет автобуси кои од Прилеп тргнале на протест во Скопје. Јанкуловска му ветува на Протуѓер дека „ќе ја среди работата“. „Не се секирај, ќе ги пратиме на технички прием“, објаснува министерката како планира да го реши „проблемот“.