Нова бегалска драма во Италија
21 август 2006Во две бродски несреќи животот го загубија повеќе од 60 лица, меѓу кои имаше и деца на возраст од 10 до 14 години. Тие беа качени на бродови од Либија, а потекнуваат од Мароко, од Египет, од Либан и дури од Ирак.
Ова е најцрниот бегалски викенд за Италија, порача италијанскиот министер за внатрешни работи Џулијано Амато и најави остри мерки против организаторите на нелегалното доселување:
„Си имаме работа со организиран криминал, што речиси секојднево фрла луѓе во Средоземното море. Некои од нив пристигаат, други умираат. Ќе работам на тоа оваа трговија со луѓе да се смета за криминален чин и соодветно на тоа да биде иследувана. Само така можат да бидат разбиени бандите, кои заработуваат пари на вака страшен начин и си играат со човечките животи!„
Амато, кој е релативно нов на функцијата воопшто не крие дека италијанското правосудство не го сфаќа сериозно овој проблем. Одамна се претпоставува дека во префрлањето на африканските бегалци има вмешано прсти и италијанската мафија, која соработува со банди од северно- и централно-африканските земји. Сите тие заработуваат големи пари од бегалската драма во Средоземјето. Минатата година во Италија беше откриен и разбиен синџир трговци со луѓе, чии водачи имаа врски со мафијата во регионот Калабрија. Министерот паралелно со заканата кон мафијата, упати и апел до ЕУ да преземе решително мерки за подобрување на економската состојба во земјите од кои потекнуваат бегалците.
„Сите мораме да бидеме свесни за димензиите на овој проблем, и ние во Европа и тие во Африка. Да работите против нееднаквата распределба на богатството меѓу Северот и Југот, тоа е нашата прва и најтешка задача за да го спречиме илегалното доселување„ – порача Амато.
Кон крајот на овој месец Италија организира и средба на врвот со Малта и Либија околу подобрувањето на контролите во Средоземеното море. Либија имено најчесто се јавува како централа за префрлање на бегалците од Северна Африка кон ветената ЕУ.