На Германија и’ е потребна работна сила од странство
19 октомври 2011Во хотелот во Баварската шума речиси и да не доаѓаат гости од странство. Двете девојки, ученички од Бугарија, ги местат креветите со една постара вработена жена. Двете девојки поминале 1.700 килметри за да дојдат во овој хотел. Кремена и Петиа доаѓаат од Бургас на Црното море. Пред неколку дена двете Бугарки ја започнаа обука за хотелиерки и се радуваат на трите учебни години што им претстојат. „Овде си најдов пријатели, моите колеги и шефот се многу љубезни. Се’ е добро и многу ми се допаѓа“, вели Петиа Колодева од Бургас.
Петер Краус исто така е хотелиер и заедно со двете ученички ги храни елените што се чуваат во оградениот дел на хотелот. Како и многу други во туристичкиот регион на Баварската шума, така и Петер Краус го чувствува недостатокот на млади луѓе. Во регионот има околу 700 празни места за обука и учење занат. Петер залудно се обидувал да ги пополни неговите три места за изучување занает со германски ученици.
Петер Краус им покажува на двете бугарски ученички како се поставува маса за јадење во хотелот. Девојките не треба да бидат евтина испомош за неколку месеци, туку Краус инвестира во нивната обука. И покрај тоа што и тој самиот не знае дали овој пилот-проект на општината ќе биде долгорочно решение за неговиот проблем. „Се разбира, дека луѓето кои самиот сум ги обучувал ќе сакам да продолжат да работат за мене. Од друга старана, нашата професија, хотелиер, е работа со која сакаме да го запознаеме и да го прошетаме светот. Можеме да одиме на различни места и секој пат да учиме нешто ново. Значи, јас многу би сакал да ги задржам, но исто така треба да им се каже на младите луѓе: прошетајте го светот. Ќе видиме што ќе се случи. Во секој случај пред нас имаме уште три години“, вели хотелиерот Петер Краус.
Потребата за млади луѓе постои веќе неколку години
Уште пред неколку години луѓето од местото Дегендорф се жалеа дека немаат доволно ученици за обука. Пролетта 2011 Кристиан Бернрајтер од Општинскиот совет отпатува со неколку претприемачи во Бугарија и направи реклама за обука и изучување занает во Германија. Тој се надева дека ангажманот ќе се исплати: „Станува збор за иднината. Според нас отворањето на пазарот на труд за бугарските државјани треба да се случи многу порано, а не во 2013 година. Затоа ние сакаме навреме да се подготвиме и да си создадеме добар имиџ, за да можеме веднаш по отворањето на пазарот на работна сила за Бугарите да донесеме подмладок во некои професионални области“, објаснува Кристиан Бернрајтер.
По само неколку денови престој во хотелот во Баварската шума Бугарките Петиа и Кремена не можат поточно да кажат каде ќе ги води животот понатаму. За нив обуката во хотелот е голема авантура со добро обезбедена егзистенцијална иднина.
Автор: Јулиа Гравен / Бисера Огњановска Митров
Редактор: Жана Ацеска