На Бугарија и‘ требаат децении за битка со мафијата
6 јануари 2010Вчера во Софија, средe бел ден, беше убиен 30-годишниот новинар Боби Цанков, познат во јавноста како “хроничар на бугарската мафија“.
Хајнц Брам и Клаус Шрамајер се категорични, битката против криминалот во Бугарија ќе трае долги години, можеби десетлетија. Според Брам, владата на Бојко Борисов досега се самозалажуваше:
„Оваа Влада мислеше дека со еден удар ќе го врати мирот во земјата и криминалците толку ќе се исплашат, што само ќе седат по кафеани и ќе мечтаат по убавите времиња од минатото. Тоа нема да се случи“, вели политикологот Брам, кој ја набљудува состојбата во Бугарија уште од годините на осамостојувањето. Поранешниот дипломат Клаус Шрамајер, кој беше заменик-амбасадор во Бугарија, појаснува дека убиството на Цанков е можеби првото откако на власт е Борисов, но тоа воопшто не треба да се гледа како такво:
„Тоа не е првото убиство, туку само едно од цела серија од 150-200 нарачани убиства во последните 20 години. Не може да се очекува дека за 5 месеци Бојко Борисов ќе ја извлече земјата од калта во која беше заглавена. Така што јас не би ја обвинил владата за убиството, туку би причекал да бидам колку брзо ќе биде разјаснет случајот“, вели Шрамајер.
Владата се зафати со премногу работи
Политикологот Брам не се сомнева во добрата волја на владата да се справи со криминалците во земјата, но не е сигурен во успехот.
„Владата се зафати со премногу нешта, ловот на вештерки против поранешната влада траеше премногу долго, а кон тоа треба да се имаат предвид и економските проблеми на земјата. Сега власта се зафаќа со проблемот на криминалот, но тоа ќе продолжи уште многу, многу долго, повеќе од една декада“, вели Брам.
И Шрамајер не се сомнева во добрата волја на владата, но дилемата, според него, е колку тоа ќе и‘ биде дозволено:
„Така всушност стигаме до второто прашање за зависноста, односно како Бојко Борисов ќе се постави во однос на сопственото минато. Многу е тешко тоа да се процени“. Шрамајер понатаму објаснува што значи таа „зависност“ на Борисов.
„Тој има одредени долгови кон луѓето кои го поддржале. Борисов не е паднат од Марс директно во Бугарија, без никаква претходна историја. Сите знаат за неговата фирма за обезбедување, која беше многу позната. Се говори и за други негови познанства во минатото. Потоа и фактот што го именуваше Божидар Димитров за министер е многу чуден“, вели Шрамајер.
Автор: Маринела Липчева/ Борис Георгиевски
Редактор: Жана Ацеска