Највисоките политички претставници од Србија и од Црна Гора и натаму со дијаметрално спротивни гледања за иднината на државната заедница
31 јули 2004“Изборите всушност ќе бидат референдум и тоа е она што некому во Црна Гора не му се допаѓа” – вели Коштуница во изјава за подгоричкиот весник “Дан”, коментирајќи ги изјавите на официјални црногорски претставници дека сојузните избори треба да се одложат. Во врска со оцените дека Србија и Црна Гора треба да бидат независни држави, Коштуница вели оти отворањето на тоа прашање во овој момент е “антиевропско”. “Секое еднострано отворање на прашањето за раздвојување на Србија и Црна Гора во овој момент, а да не се чуе пред тоа гласот на народот, да не се води сметка за Уставната повелба и европските правила што ги прифативме, значи повреда на правдата и на европските идеи”, вели српскиот премиер.
“Знам дека Коштуница е човек кој многу инсистира на легалистички пристап и на стриктно почитување на правните акти што заеднички ги донесовме. Кога велам дека заеднички ги донесовме, тогаш верувам и дека заеднички секојдневно критички ги преиспитуваме и оти нема да им робуваме, туку дека можеме да ги менуваме според своја волја за да дојдеме до подобри и рационални решенија и за Србија и за Црна Гора” – изјави синоќа во Жабјак црногорскиот премиер Мило Ѓукановиќ, велејќи дека не е изненаден од изјавата на Коштуница дека референдумот во Црна Гора не може да се одржи пред изборите за парламентот на државната заедница. “Нашата логика е многу едноставна: не треба да се организираат избори за нешто што не знаеме колку долго ќе трае и за нешто што е нефункционално уште додека трае”, рече Ѓукановиќ. Според него, Црна Гора во рамките на ”нефункционалната државна заедница не ги остварува своите стратегиски национални интереси – членство во Европската Унија и НАТО”. Црногорскиот премиер најави дека наскоро ќе разговара со официјалните претставници во Србија за деблокада на процесот на европски интеграции “независно од институционалната рамка во која живееме”.