Насилство и крв поради железничка станица
1 октомври 2010Весникот „Штутгартер цајтунг“ пишува:
„Во демократија спаѓа и толеранцијата, почитувањето на оние кои мислат поинаку. Беше ова тажен ден за нашиот град. Луѓето кои ги предводат заговорниците и противниците на проектот ’Штутгарт 21’ сносат голема одговорност. На крајот останува апелот за двете страни да бидат умерени и што е можно побргу да се вратат на преговарачката маса-за на крајот да не се случи нешто уште полошо“, препорачува коментаторот во „Штутгартер цајтунг“.
Во весникот „Килер нахрихтен“ пак читаме:
„За сообраќајните и еколошки аспекти на проектот на новата железничка станица во Штутгарт може да се мисли што се сака. Едно е меѓутоа сигурно: сите одлуки во смисол на правната држава се донесени во полза на авторите и изведувачите на проектот. Тоа што противниците на подземната железничка станица протестираат е нивно право, но тие немаат право дополнително да ја попречуваат нејзината изградба. Полицијата мора да интервенира против тоа, а во случај на нужда да примени и сила. Кога не би било така не би владеела демократија, туку анархија. Досега во интерес на државата беше демократски избраните пратеници да ја бранат демократијата. Важи ли се’ уште тоа или популистите ја прегазија и таа граница?“ , прашува авторот на коментарот во „Килер нахрихтен“.
Весникот „Јунге велт“ пак има сосема поинакво мислење и текстот за вчерашните случувања во Штутгарт го наслови „Војна против граѓаните“. Во него авторот потсетува:
„Крајот на протестите не можеше да се согледа. Двајца демонстранти се забарикадирале во цевки, тројца со ланци се врзаа за дрвја, а петмина активисти го зазедоа балконот на претставништвото на покраината Баден Виртенберг во Берлин“.
Во весникот „Ное оснабрикер цајтунг“ пак читаме:
„Само да потсетиме: станува збор само за една железничка станица. Приврзаниците на проектот освен скратувањето на времето за патување до Париз и Будимпешта се фалеа и со 4000 работни места во градежната бранша што ќе бидат отворени со проектот. Противниците се жалеа дека ќе бидат пресечени неколку дрвја и дека ќе мора да се урне една зграда заштитена со закон, која меѓутоа не е празник за очи, но и оти трошоците за проектот ќе бидат поголеми од планираните.
Но од вчера со овој проект поврзуваме сосема поинаква слика: деца кои под стреи бараат заштита од водените топови, демонстранти на кои им тече крв од очите. Тоа се слики кои не укажуваат на мирни протести, туку на насилни нереди. Слики кои ја покажуваат целата неспособност на надлежните да го решат спорот со аргументи. Сега приврзаниците на проектот од редовите на демохристијаните и на самата железница одбиваат разговори и сакаат да покажат дека умеат да ја спроведат сопствената волја, додека пак противниците на проектот пак дозволија мирните протести да се претворат во агресивен атак на еден полициски автобус.
Политичарите се обвинуваат меѓусебе за ескалацијата на протестите за да стекнат поени за покраинската предизборна кампања. И сето тоа само поради една железничка станица“, заклучува коментаторот на „Ное оснабрикер цајтунг“.
Автор: СН/БГ/СБ/ДВ
Редактор: Жана Ацеска